среда, јуни 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија пред жешко лето: Ел Нињо носи опасност од температури над 42...

Македонија пред жешко лето: Ел Нињо носи опасност од температури над 42 степени, суши и пожари

41

Додека граѓаните ги прават плановите за годишните одмори, климатолозите внимателно го следат развојот на феноменот Ел Нињо кој може да го одбележи летото во Македонија. Станува збор за глобалениот климатски настан кој иако се развива илјадници километри далеку во Тихиот Океан, неговите последици често се чувствуваат и на Балканот.

Според анализата на професорот по метеорологија д-р Владо Спиридонов, постои околу 80 проценти веројатност Ел Нињо да се развие во текот на летото, а до крајот на годината веројатноста достигнува дури 90 проценти.

„Летото 2026 година во Македонија најверојатно ќе се одвива во услови на изразена топлинска и хидролошка аномалија, со доминација на натпросечно високи температури и зголемен ризик од суша“, се наведува во заклучокот на анализата.  Ова предупредување доаѓа во период кога Европа веќе се соочува со сè почести топлотни бранови, а Југоисточна Европа е посочена како еден од регионите каде затоплувањето најсилно ќе се почувствува.

Температури над 40 степени и „врели“ ноќи во Скопје

Највидливата последица за граѓаните ќе бидат екстремно високите температури. Според проценките, Повардарието, Пелагонија, Скопската Котлина и источниот дел од државата ќе бидат меѓу најпогодените региони.

„Во најтоплите периоди температурите локално би можеле да достигнуваат и над 40°C, а во најизложените подрачја не се исклучени вредности и до 42°C, дури и повисоки“, предупредува Спиридонов.  Посебен проблем ќе биде Скопје. Големите бетонски и асфалтни површини ја задржуваат топлината и во текот на ноќта, па наместо освежување, граѓаните би можеле да се соочат со таканаречени „тропски ноќи“, кога температурата не паѓа под 20 степени. Тоа носи и здравствени ризици.

„Зголемен ризик од топлотен удар и исцрпеност, влошување на кардиоваскуларни и респираторни заболувања и нарушување на сонот поради тропски ноќи“, се дел од последиците наведени во анализата.

Од суша до пожари – најголемата закана е во август

Анализата предупредува дека Македонија би можела да се соочи и со продолжени сушни периоди. Намалените врнежи и зголеменото испарување ќе ја намалат влагата во почвата, што директно ќе се одрази врз земјоделството и водоснабдувањето. Но најсериозниот ризик е поврзан со шумските пожари.

„Ризикот од шумски и вегетациски пожари значително се зголемува и може да премине во високо до екстремно ниво“, предупредува документот.  Најкритичен период се очекува да биде август, кога опасноста од пожари достигнува највисоки вредности. Особено ранливи се Повардарието, Тиквешијата, Гевгелиско-Валандовскиот регион, Струмичко и делови од источна Македонија.  Во такви услови, предупредуваат експертите, доволна е и мала искра за да се предизвика пожар со сериозни последици.

„Дури и мали извори на искра, како човечки фактор или електрични дефекти, можат да иницираат пожари кои за кратко време добиваат големи размери“, стои во анализата.

Ниту сушата не исклучува невремиња

Парадоксално, жешкото и сушно лето не значи дека ќе нема невремиња. Напротив, експертите предупредуваат дека акумулираната топлина може да создаде услови за силни локални бури, проследени со град, обилни врнежи и силен ветер.

Токму поради долгите сушни периоди, почвата ја губи способноста да ја впива водата, па за кратко време може да дојде до поројни поплави, свлечишта и оштетување на инфраструктурата.

Затоа експертите апелираат институциите, но и граѓаните, сериозно да ги сфатат предупредувањата. Летото кое претстои можеби нема да биде рекордно во сите параметри, но според достапните податоци има голема веројатност да биде едно од најпредизвикувачките во последните години – со повеќе топлотни бранови, поголем ризик од пожари и сериозен притисок врз здравствениот, земјоделскиот и енергетскиот систем на државата.

 

ИЗДВОЕНИ