На Скопското Кале привршуваат работите на два објекта за Музеј на праисторијата и Музеј на османлискиот период, кои по адаптирањето се очекува да бидат ставени во функција наредната година.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, информираше дека археолошките истражувања на локалитетот Скопско Кале, започнати во 2007 година, резултирале со откривање на повеќе од 5.000 предмети. Според неа, во периодот од 2017 до 2024 година тие се чувале во супстандардни услови, додека двата музејски објекта биле оставени на забот на времето.
Со доаѓањето на новата влада во 2024 година, Управата, како инвеститор на проектот, поднела информација до Владата и обезбедила осум милиони денари за реализација на активностите. Била формирана работна група, изработена предмер-пресметка и распишан тендер за тековно одржување, адаптација и санација на двата објекта. За изведувач била избрана компанијата „Нет Инвест“ од тетовското село Теарце.
„За неполна година објектите се веќе завршени“, истакна Честоева, посочувајќи дека работите опфатиле повеќе области, меѓу кои машинство, архитектура, електрика и браварија.
Во музеите ќе бидат изложени предмети најдени при капиталните археолошки истражувања на Калето реализирани од 2007 до 2016 година, откако тие ќе бидат концептуализирани по современи музеолошки принципи – интерактивност, наративност и мултимедијален пристап.
Со одлука на Владата, целокупниот материјал од капиталните археолошки истражувања на Калето (2007-2016), под раководство на археологот проф. Драги Митревски, му беше даден на користење на Археолошкиот музеј како матична музејска установа за движно археолошко културно наследство. Од вторник негови тимови ќе го почнат ентериерното уредување на двата музејски објекта, соопшти директората на Управата.
Комисија составена од вработени кустоси во тој музеј, кустоси од Музејот на град Скопје и вработени во УЗКН работеа на ревизија на материјалот за да се постапи според одлуката на Владата и да се направи селекција на предмети кои ќе се изложат во музеите.
Честоева соопшти дела во завршна фаза е и постапката за донесување одлука со која Скопската тврдина Кале би била прогласена за културно наследство од особено значење, во категоријата големо значење. Со предложеното решение, надлежностите би биле поделени меѓу Градот Скопје и Археолошкиот музеј. Археолошкиот музеј би управувал со двата музејски објекта, а археолошките предмети би биле уредени и изложени за посетителите да можат да се запознаат со историјата на локалитетот.
Таа најави и дека двата музеја ќе бидат вклучени во програмата на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.









