– Да бидеш актер или уметник, пред сѐ, треба да го сакаш животот и да го негуваш убавото, а театарот посебно може да го тоа овозможи затоа што е уметност на мигот. Со секоја претстава, со секој лик, го удвојуваме животот оти тоа се случува само денес, не вчера, не утре… Така е и во животот, го имаме само денешниот ден, вчерашниот не постои, а утрешниот треба да дојде, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР актерот на Драмски театар Скопје и професор на Факултетот за драмски уметности, Александар Степанулески, добитник на наградата „Ристо Шишков“ за 2026 година

 

Даниела ТРАЈКОВСКА

Александар Степанулески, актер со силно сценско присуство и препознатлива актерска енергија, е годинашниот лауреат на наградата за најдобро актерско остварување на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. За улогата на Луков во „Црнила“ на Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски и изведба на Прилепскиот народен театар, тој ја освои наградата која, како што самиот вели, е едно од признанијата што секој актер може само да го посака. Но, зад наградениот актер стои и педагог, истражувач на актерската игра и човек посветен на сцената и на младите што допрва го бараат својот актерски пат. Од Прилепскиот театар до Драмскиот театар, а паралелно и на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Степанулески гради кариера во која дисциплината, телото, гласот и внатрешниот свет на ликот се подеднакво важни. Во актуелниот репертоар на Драмски театар Скопје тој настапува во претставите: „Чудна случка со кучето во ноќта“, „Кафез кај кокони“, „Падот на Масада“, „Куршуми над Бродвеј“, „Ова е само крајот на светот“, „Мачкина глава“, „Федра – Антропологија на една желба“ и „Алиса се враќа дома“. Тој е и добитник на бројни награди, за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ за улогата на Калигула во претставата „Калигула“ во продукција на НУ Прилепски театар, доделена на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, 2012, награда за главна машка улога, за улогата на Јон во претставата „Пиреј“ на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, 2019, награда за најдобар глумец во претставата „Кафез кај кокони“ во продукција на Драмски театар – Скопје на Фестивалот „Денови на Комедија“, Куманово, 2023. Награден е и за машка епизодна улога „Димче Трајковски”, за улогата на Симон во претставата Мачкина глава во продукција на Драмски театар –Скопје на МТФ „Војдан Чернодрински”, Прилеп, 2026

Иако поводот беше наградата, со него  разговаравме за актерството како професија, за младите актери и за она што останува во актерот откако ќе се спушти завесата.

Наградата „Ристо Шишков“ не е само признание за актерската работа, туку и голема чест и одговорност. Кога дознавте дека токму Вие сте нејзиниот добитник, која беше првата мисла што Ви помина низ главата?

Се разбира, наградата „Ристо Шишков“ е огромно признание и заокружување за една актерска работа, и со самото тоа што е посветена само на актерот и е една и единствена на фестивалот, претставува огромна чест и, се разбира, огромна одговорност да се има во својата витрина. Претставата ја игравме последниот ден, така што почекавме жирито да ја соопшти одлуката… Е тука веќе нема мисла, кога ќе го слушнете вашето име, настапува емоцијата затоа што, како што кажавме, честа и возбудата се огромни.

Секоја награда, на некој начин, носи потврда, но отвора и ново поглавје. По ова признание, чувствувате ли дека нешто сте заокружиле во досегашниот актерски пат или, напротив, дека од овој момент одговорноста да се докажувате станува уште поголема?

Точно така, секоја награда е само потврда на веќе сработеното, но и апсолутно врата кон следно ново поглавје. Да бидам искрен, да, чувствувам заокружување, но само на една фаза од мојот актерски пат… Она што со радост го очекувам отсега натаму е новата фаза на слатко истражување и работење на самиот себеси и, се разбира, ново заокружување на таа фаза во блиска или подалечна иднина. Одговорноста е голема, но воедно и слатка затоа што се потпира на веќе завршена работа.

Актерството бара човек постојано да се преиспитува – не само пред публиката туку и пред самиот себе. Што е она најтешкото што професијата Ве натерала да го погледнете во себе и да го откриете? Каде завршува Александар Степанулески, а каде започнува ликот?

Најпрекрасното нешто во нашата професија е токму пеиспитувањето, со себеси, колегите, публиката, со потесната или пошироката јавност итн. Секоја професија си има сопствена тежина и специфични карактеристики. Во нашата, мислам дека најтешкото нешто што актерот може да го најде во себе е вербата и издржливоста низ пречките и премрежињата, затоа што проблемите во театарот не се ниту вчерашни, ниту денешни, ниту утрешни, туку се вечни.

Од досегашните улоги, кој лик ви значи најмногу и можеби ви бил и најголем личен предизвик?

Секоја улога е засебно поглавје, нов почеток и нова радост за уживање и истражување, така што навистина не би сакал и не би можел да одвојам улога што ми е посебна… Ете, ако морам да кажам, нека бидат тоа улогите за кои сум бил награден, но и многуте за кои не сум бил.

Како се подготвувате пред секоја улога? Дали имате свој посебен ритуал што го правите пред да излезете на сцена?

Немам некој посебен ритуал. Подготовките за секоја претстава се различни. Секојпат се занимаваме со различни приказни. Воопшто не сум суеверен и затоа немам специјален личен ритуал. Сè зависи од околностите и од претставата што ја играм дента. Имам еден пат кој го поминувам, редослед на шминка, разговор со колеги, посебен пат по кој влегувам и излегувам. Сè зависи од енергијата што ми е потребна. Сето тоа е прекрасно бидејќи не се затворам во својата чаура, туку се движам во зависност од времето.

По толку многу одиграни улоги, сцени и години поминати во театарот, што значи денес за Вас да се биде актер? Дали е тоа професија, повик, начин на живот – или нешто што сè потешко може да се стави во една дефиниција?

Да, по толку многу години, сцени, улоги, единствено што можам да кажам дека најмалку е професија, начин на живот, да, живот сам по себе, да, но јас најмногу уживам да кажам удвојување на животот. Да бидеш актер или уметник, пред сѐ, треба да го сакаш животот и да го негуваш убавото, а театарот посебно може да го овозможи тоа затоа што е уметност на мигот. Со секоја претстава, со секој лик, го удвојуваме животот оти тоа се случува само денес, не вчера, не утре… Така е и во животот, го имаме само денешниот ден, вчерашниот не постои, а утрешниот треба да дојде.

Како професор по актерска игра на Факултетот за драмски уметности, денес на младите актери им го пренесувате искуството што сте го стекнувале низ годините. Што имаат како предност денешните млади актери што Вие го немавте, а што можеби, во брзината на новото време, ризикуваат да го изгубат?

Факултетот за Драмски уметности е посебно поглавје во моето професионално живеење, поглавје кое исто така не само што ми причинува огромна радост туку и огромна одговорност. Работата со млади луѓе, студенти кои допрва ги вкусуваат и убавите и неубавите плодови од професијата, е огромна привилегија и личен двигател за сопствениот развој. Пренесувањето на моето искуство е несебично и себично, јас отворено и искрено им давам, а и тие исто, ја даваат нивната свежина, нивниот заразен ентузијазам, нивната бесценета креативна енергија, а за возврат го добиваат моето искуство и помината километража. Па ако нешто може да биде предност, тогаш тоа е таа генерациска предност, бидејќи живеат сега и во овој момент од нивната свежина и младост.

Кога би морале да го погледнете македонскиот театар од денешна перспектива, што чувствувате дека најмногу му недостига: храброст да ризикува, силно авторство, финансиска поддршка, публика или приказни што навистина го одразуваат времето во кое живееме?

Театарот, не само македонскиот туку воопшто, преживеал и преживува две илјади години само затоа што ризикува, некогаш со повеќе некогаш со помалку храброст, затоа што опстојува со и без финансии, со појаки или послаби приказни, но секогаш со чиста љубов! Е бидејќи македонскиот театар навистина го има тоа, да, му фалат финансии за топ продукција и нови свежи приказни од секојдневието кои ќе ја заскокоткаат новата публика.

 

Живееме во време на кратко внимание и постојана потреба за нова содржина. Во таков свет, може ли театарот сè уште да го запре човекот на два часа, да го потресе и да го натера поинаку да го погледне светот и да се погледне самиот себе?

Ова е одлично прашање, денес има дилеми не само кај следбениците на театарот туку и кај нас, кај тоа што го правиме ние. Едните мислат дека театарот ќе згасне во оваа ера на брзи „рилсови“ и логореична промена на кадри, а другите дека, сепак, ќе опстане. Јас сум убеден, како никогаш досега, дека театарот е благословен со своето постоење затоа што ќе стане посебно свето место во кое размената на жива енергија ќе стане привилегија и потреба од многу повеќе од два часа.

 

 

ИЗДВОЕНИ