Пандорче АНТЕСКА
„Детето не е нужно невино затоа што не знае што е добро и зло, туку затоа што сè уште не ја разбира целосно тежината на последиците од своите постапки, ова е цитат од роман на американскиот писател Вилијам Фокнер кој иако е напишан во раните шеесетти години на минатиот век, го носи истото значење и до ден-денес кога се во прашање престапното поведение на детето и санкцијата, која треба да биде, пред сè, воспитна мерка. Со оваа мисла веќе со години почнува и завршува работниот ден на судијката Весна Костова-Спасеска во Одделот за кривично-малолетни во Основниот суд во Скопје. Судењата за малолетници што направиле кривично дело се далеку од очите на јавноста поради заштита на детето. Но, она што навистина се случува во судницата е тоа што малолетниците не ја знаат тежината на тоа што го сториле.
– Децата што сториле кривично дело не се свесни дека за потешко може да завршат во затвор, но тоа, верувајте, е последната опција во судската практика. Пред сè, треба воспитно да делуваме. Наша најголема сатисфакција е да не ги видиме нив повторно во судница – вели судијката, која ги заменува своите пензионерски денови со чувствителната улога да му пресудиш на малолетник. Тие не присуствуваат на целото судење, туку само на подготвителните рочишта, каде што сè се одвива во една брза постапка, еднаш се испрашува, се изведуваат докази, сведоци. Но, има многу од малолетниците што сакаат да доаѓаат и да слушаат, е тогаш нашата соговорничка има посебен пристап.
– Меѓународната практика налага детето да биде опкружено со жени, можеби поради тој мајчински пристап што треба да влева доверба во системот. Јас секогаш се однесувам како пријател со нив, сиве овие години го учам нивниот трендовски вокабулар и, верувајте, успева. На крајот од пресудата, многу од нив ќе ме прегрнат така искрено, бидејќи, едно да знаете, децата никогаш не знаат да лажат. Сè ќе си раскажат така течно што не ти се верува дека умеат сè да доловат, единствено доколку некој не ги натера да зборуваат невистина – вели нашата соговорничка, чија судница е веднаш до осветлената канцеларија, каде што прифати да го сподели искуството со весникот ВЕЧЕР.
Во Законот за малолетничка правда се предвидени неколку мерки: надзор од родителот – старателот, вклучување на социјалните служби, воспитно-поправна установа и последната, најтешка, е затворска казна, која досега е не повеќе од три години. Трендот на предмети не е променет, се сработуваат од околу 200 до 300 годишно, велат од Судот. Профилот на деца, со новото време, е нешто променет, па сега се водат постапки и за видеонасилствата што се објавуваа на социјалните мрежи.
– Полицијата мора да биде поажурна, има сектор за компјутерски криминал и треба да ги следи работите. Треба во униформи да бидат присутни околу училишните дворови, да бидат забележувани од учениците и мислам дека тогаш нема да се случува ова врсничко насилство. Неретко детето што го сторило тоа насилство и самото било жртва на врсничко насилство, е тука треба да се вклучат и училишните служби. И на крајот родителите, не им обрнуваат внимание или, пак, се разведени и тука, во судницата, си ја префрлаат вината – раскажува Костова-Спасеска.
Таа инсистира да се донесе законот за заедничко старателство, инициран од Здружението на татковци уште пред десетина години, бидејќи изговорот дека најдобро за детето е мајката, не држи во сите случаи. Социјалните служби, пак, се посебна приказна – ги нема во доволен број, тие што се професионалци даваат сè од себе и со нив има одлична соработка, други, пак, гледаат формално да ја истуркаат процедурата.
– Социјалните работници, во текот на изречената мерка на детето престапник, треба на половина година да ни пишуваат извештај дали оди детето кон подобро. Во зависност од тоа, некогаш ја ублажуваме мерката, но некогаш може и да примениме построга. Има деца што едноставно пак и пак ќе одат ќе ограбат. Една од мерките може да биде, на пример, да ја надомести штетата со работа, така, ако уништило дрвја, ќе треба да насади“, вели таа.
Статистиката покажува дека зад приказните од судницата стојат стотици деца. Според Државниот завод за статистика, во 2025 година биле пријавени 505 деца сторители на кривични дела, за разлика од 486 во 2024 година. Бројот на осудени деца, пак, се намалил од 300 во 2024 на 196 во 2025 година. Овие бројки сами по себе не откриваат дали добиле децата вистинска поддршка и дали дале мерките резултат, но го отвораат прашањето за тоа што се случува со нив по завршувањето на судската постапка.
За судијката Весна Костова-Спасеска, одговорот не е само во изречената мерка туку и во она што следува потоа. Нејзина најголема сатисфакција е кога ќе сретне дете што некогаш седело пред неа во судница, денес ќе ѝ пријде и ќе ја поздрави. Токму во тие моменти, вели таа, гледа дека, можеби, успеала позитивно да влијае во неговиот живот. Голем дел од нив сакаат да станат подобри граѓани.
– Досега не сум имала негативно искуство надвор, со некое од децата што поминале низ мојата судница. Неодамна, на пример, сретнав едно во Охрид, се поздравивме, ме праша како сум… Јас сум најсреќна ако барем малку сум повлијаела позитивно кај нив – се гледа искрено задоволство на лицето на нашата соговорничка.












