Мурал со ликот на Андреј Ѓорѓиевски од групата ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во Кочани, осамна во близина на скопско кафуле во населбата Аеродром.
Идејата за муралот доаѓа од сопственикот на кафулето „Шо има“, Дамјан Јордановски, кој на својот Инстаграм профил објави емотивна порака во која вели дека љубовта кон Андреј и неговата музика секојдневно ја пренесувал преку песните што се слушале во кафулето.

„Тргнувајќи од себе, љубовта кон Андреј и ДНК секојдневно ја пренесував низ нивните песни во кафулето, толку ги слушав што почнаа да ми викаат: ‘досаден си, Дамјан, дај смени’“, напиша тој.
Во денот кога се случила трагедијата, Дамјан раскажува дека отишол сам во кафулето да чита книга, обидувајќи се да се справи со шокот, кога ја слушнал веста за смртта на Андреј.
„Затоа решив трите работи што ми значат – кафулето, Андреј и омилената песна – да ги спојам во едно. Ова е најмалку што можев да направам“, додава тој во објавата.
Муралот ќе остане како симболична и трајна почит кон пејачот, кој со своите песни ги обединуваше генерациите. „Андреј ќе живее вечно – како низ песните, така и преку муралот што ќе нè потсетува на неговото дело и ќе ни буди добри спомени“, порачува Дамјан.
