среда, август 12, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Можност за нови авионски линии и повеќе туристи

Можност за нови авионски линии и повеќе туристи

17

Македонија отвора простор за нова соработка со меѓународната туристичка групација „Корендон“, со цел унапредување на авиосообраќајот, привлекување повеќе странски туристи и отворање нови можности за инвестиции во туристичкиот сектор.

Можностите за соработка беа тема на работната средба меѓу заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, и претставниците на „Корендон“, една од водечките туристички групации во Холандија и во Белгија.

На средбата беше истакнат потенцијалот на Македонија како туристичка и авиодестинација, особено во услови на континуиран раст на воздушниот сообраќај и зголемен број странски туристи.

Според Николоски, Македонија се позиционира меѓу најбрзорастечките пазари во Европа, со 40 проценти раст на бројот на патници во доаѓање во воздушниот сообраќај и повеќе од 20 проценти раст на бројот на туристи.

– Дваесет и осумте нови дестинации, растот од 40 проценти во авиосообраќајот и над 20 проценти раст на туристите се јасен показател дека расте интересот за Македонија. Наша цел е да го претвориме овој тренд во нови авиолинии, повеќе туристи и нови инвестиции и отворени сме за соработка – истакна Николоски.

„Корендон“ е меѓу трите водечки туроператори во Холандија и во Белгија и нуди пакет-патувања до повеќе од 50 дестинации. Групацијата располага со повеќе од 40 авиони, кои летаат под знамињата на Турција, Холандија и на Малта.

Во рамките на туроператорскиот сегмент, „Корендон“ годишно опслужува околу 850.000 клиенти, додека „Корендон ерлајнс“ превезува меѓу 6 и 10 милиони патници годишно.

Подобрата авиоповрзаност и отворањето нови пазари и услуги се оценети како важни предуслови за понатамошен развој на туризмот во земјата.

На средбата било заклучено дека постои простор за идна соработка, особено преку отворање нови авиолинии, зголемување на бројот на странски туристи и разгледување потенцијални инвестиции во Македонија.

ИЗДВОЕНИ