Повеќе од 500 семејства во скопските општини Чаир и Бутел ќе добиваат поеколошко и за 20 % поевтино централно греење со новата когенеративна постројка на компанијата „Теса енерџи“. Станува збор за приватна инвестиција вредна 2,5 милиони евра, која овозможува истовремено производство на топлинска и електрична енергија со помало влијание врз животната средина.
Министерот за животна средина, Муамет Хоџа, при посетата на постројката истакна дека ваквите инвестиции се важен чекор во борбата против загадувањето на воздухот и воведувањето почисти енергетски решенија. Покрај домаќинствата, на новата топлинска мрежа ќе бидат приклучени и јавни установи, меѓу кои гинеколошката болница „Мајка Тереза“ во Чаир и основното училиште „Хасан Приштина“.
Од Министерството посочуваат дека новиот систем ќе овозможи поефикасно искористување на енергијата, помали загуби и намалување на штетните емисии. Хоџа ги повика и останатите граѓани и компаниите од овој дел на Скопје да ја искористат можноста за приклучување на мрежата.












