Во организација на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, во Скопје е промовирана регионалната кампања за безбедност на патиштата, „Момент за живот“. Главната порака на кампањата е дека никој не е безбеден во сообраќајот и дека секој учесник има лична одговорност за сопствената и безбедноста на другите.

Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, нагласи дека почитувањето на дозволената брзина, избегнувањето активности што го одвлекуваат вниманието, задолжителното користење безбедносен појас и почитувањето на правата на останатите учесници се едноставни постапки што можат да спасат човечки животи.

Кампањата има цел да ја подигне свеста за сообраќајната култура и одговорното однесување на патиштата. Во фокусот се и правилното користење детски седишта и заштитни кациги, како и потребата возачите да останат концентрирани додека управуваат со возило. Иницијативата се надоврзува на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026 – 2030 година и на принципот „Визија нула“, насочен кон намалување на сообраќајните жртви и тешките повреди.

Пораката е упатена до сите учесници во сообраќајот, не само до возачите, бидејќи безбедноста зависи од вниманието, почитувањето на правилата и од одговорните одлуки во движењето на патиштата.

ИЗДВОЕНИ