Изложбата „Дисторзии“ на студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, која беше отворена вчеравечер во Младинскиот културен центар во Скопје, го привлече вниманието на љубителите на современата уметност, како и на пошироката културна јавност. Посетителите имаа можност да видат разновидни дела што експериментираат со форма, боја и перспектива.

Изложбата ја отворија Ана-Марија Матх, студентка на трета година, на насоката графички дизајн, воедно и иницијатор и куратор на проектот, како и Ана Трајковска, асистентка на Факултетот за арт и дизајн. Тие во своето обраќање ја истакнаа важноста на оваа изложба како простор за критичко размислување, визуелна артикулација и слободен израз на младите автори.

– „Дисторзии“ претставува резултат на еден искрен и ангажиран уметнички процес, во кој студентите преку сликарство, инсталација и комбинирани медиуми ги истражуваат современите општествени состојби. Делата се занимаваат со феноменот на перцептивни и системски искривувања – начинот на кој општествените и институционалните структури влијаат врз поединецот, неговата емоција и неговото место во заедницата, посочи Ана Трајковска во најавата на изложбата.

Матх и Трајковска, исто така, посочија дека изложбата сведочи за генерација која уметноста не ја доживува само како естетска практика туку како одговорност – да се именува она што е премолчено, да се визуализира она што е потиснато и да се отвори дијалог за прашања од суштинско значење.

– Како млади автори кои веќе некое време делуваме на културната сцена, почувствувавме дека нема доволно простор за искрен израз без цензура и без некаква институционална рамка. Јас сакав да бидам таа што ќе им го овозможи тоа на моите колеги, студенти на нашиот факултет, но планираме во иднина тоа да го направиме и на ниво на целиот град, вели Ана Марија Матх.

На изложбата, со свои дела се претставија Никола Николов, Ангел Ѓорѓијоски, Петар Новковски – Inchronax, Тамара Макриева, Ана Тошевска, Зана Елези, Анет Вртеска, Ана-Марија Матх, Елена Стојанова, Меланија Стојанова, Андреј Ристевски, Анастасија Спиркоска, Матеја Јанковиќ, Хиба Умер и Марина Драв.

Со оваа изложба, младите уметници од Европскиот универзитет – Скопје уште еднаш ја потврдуваат својата способност за критичко и самостојно дејствување во современиот уметнички контекст.

Заинтересираните ќе можат да ја посетат изложбата до 19 април. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ