Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски најави дека во соработка со UNDP ќе започне процес на репроценка на данокот на имот, кој како што објасни ќе претставува обемна операција што ќе се спроведува во повеќе фази.
-Целта е зголемување на приходите на градот, при што се очекува годишно зголемување од над 30 милиони евра по основ на даноци.Во рамки на процесот ќе се врши вкрстување на податоци со Агенција за катастар и недвижности, со цел утврдување на реалната состојба – изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде првично, репроценката ќе започне во Општина Карпош и Општина Центар каде што било утврдено дека постојат најголеми разлики во наплатата на даноците, а потоа ќе продолжи и во останатите општини.
При тоа, посочи дека во изминатите неколку години наплатата на даноците била на многу ниско ниво, што довело до сериозни финансиски предизвици и последици.
Ѓорѓиевски информираше дека во текот на минатата година биле наплатени околу една милијарда денари по основ на даноци, при што дури 70 проценти од средствата се собрани во месеците по преземањето на новата градска администрација. Според него, тоа е показател дека фискалната дисциплина е значително подобрена.
Скопскиот градоначалникот потенцираше дека за постигнување на овие резултати биле преземени мерки согласно законот, вклучително и блокади на сметки на должниците.
Воедно, тој испрати апел до граѓаните навремено да ги подмират своите обврски за 2022, 2023 и 2024 година, со цел да се избегнат нови блокади и присилни наплати во иднина.












