Комплетно се реконструира култното детско игралиште „Славка Недиќ“, попознато како „Дрвен“, лоцирано во Дебар Маало, за да се создаде побезбеден, пофункционален и современ простор за игра на децата.
Од Општина Центар соопштија дека со реконструкцијата ќе се изврши целосна замена на дотраената урбана опрема и постојните реквизити, кои ќе бидат заменети со нови, современи и безбедни содржини.
При тоа, наведуваат дека во рамки на проектот е предвидена и изградба на нов летниковец – дополнителен простор за одмор и дружење на граѓаните.
Ова игралиште, како што велат од Општина Центар долго време е омилено место за игра и рекреација на децата од Дебар Маало.
-Продолжуваме со уредување и обновување на детските игралишта низ општината, затоа што нашите деца заслужуваат безбедни и современи места за игра и развој – изјави градоначалникот н а Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој апелираше до сите граѓани да се однесуваат одговорно и совесно, да ја чуваат новата опрема и заеднички да придонесат за зачувување на јавните простори.
Оваа инвестиција е дел од континуираните активности на локалната самоуправа за унапредување на јавните простори и создавање поквалитетни услови за живот во урбаната средина.
Општина Центар и во наредниот период ќе продолжи со инвестиции во реконструкција и модернизација на детските и спортските игралишта, со цел подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.












