Наместо мир и тишина, во храмот „Свети Наум“ на брегот од Охридското Езеро, според сведоштвото на посетителот, настанала вистинска мешаница: се ваделе мобилните, се правело селфи и се допирале фреските и иконите. – Луѓе, катастрофа! – вели тој, револтиран што никој не реагирал и не ги опоменал туристите. Случката крена прашина и на социјалните мрежи, каде што граѓани велат дека мора да се знае редот кога се влегува во Божји храм

Бурни реакции предизвика сведоштво на македонски турист кој сподели што доживеал при посетата на манастирот „Свети Наум“ во Охрид. Тој раскажува дека пристигнал во манастирот околу 9:00 часот изутрината и поминал речиси два часа во мир и тишина.
– Си поседов внатре добри два часа и сè беше супер, тивко. Имаше луѓе, претежно Македонци и Срби. Ама околу 10:00 часот почнаа да влегуваат туристи, претежно Турци и некои Италијанци. Луѓе, катастрофа! – раскажува посетителот.
Според него, проблемите почнале кога влегле поголем број туристи во внатрешноста на храмот.
– Убаво си пишува на влезот дека е забрането користење фотоапарати и мобилни, ама ним, најверојатно, никој не им кажал – реагира туристот.
Тој вели дека туристите продолжиле да фотографираат, да ги допираат иконите и фреските и да прават селфи.
– Си седев во тишина, си се исповедав и кога одеднаш влетаа туристиве. Сите ги вадеа мобилните, сликаа, се буткаа во иконите и фреските, ги допираа, правеа селфи. Дури на една фреска видов изгравирано нечие име. На гробот на свети Наум се кикотат и си играат – вели туристот, кој го сподели на социјалните мрежи своето незадоволство од однесувањето на другите посетители на храмот.
Посетителот, како што раскажува, се обидел лично да им објасни на туристите дека се наоѓаат на свето место. Вели дека ги предупредил дека тоа е македонско светилиште, а не некој споменик како атракција, но тие само го погледнале и не реагирале.
По случката, излегол надвор и разговарал со човекот што продава свеќи.
– Му кажав на човекот што продава свеќи и тој ми кажа дека е запознаен со тој проблем, ама дека нема решение. Јавно го прашав кој е задолжен да го одржува редот во храмот, а човекот само ги крена рамената. Дали е можно да нема човек, вработен во манастирот, што нема обврска да ги предупредува туристите на нивното однесување?! Зборуваме за едно од најважните свети места за сите православни луѓе, заштитен од УНЕСКО. Ужас! – вели овој посетител на ова наше светилиште.
Тој предлага и конкретни мерки за справување со проблемот.
– Има решение, и тоа едноставно: лице што постојано е внатре – ги предупредува посетителите; јасни повеќејазични правила на самиот влез; ограничен број луѓе во просторот и физичка заштита таму каде што може да се допрат фреските и иконите. При поголем метеж, посетителите да се пуштаат во помали групи – вели тој.
Во еден момент, според неговото сведоштво, тој самиот почнал да ги предупредува и истерува посетителите.
– Јас го правев тоа внатре и потоа ме замоли човекот што продава свеќи да ги избркам сите, па тој ја затвори вратата да не пушта. Ми кажа: „Браво бе, момче, ми помогна“, ама тоа траеше само пет минути и откако ја отвори вратата, пак истото – вели тој.
Посетителот реагира и за тоа што, според него, во комплексот имало доволно луѓе што можеле да помогнат.
– Колку луѓе има на платниот список на манастирот? Полн беше ресторанот со свештени лица, ниту еден да отиде да помогне – констатира тој.
На неговиот став се надоврза Бети Деловска, која сподели свое искуство од посета на црква во Италија.
– Токму така се однесуваа македонските туристи во Италија, во црква. И тоа во текот на миса, односно додека зборуваше отецот. Таму срам ме изеде што сум дел од групата. По сè изгледа, сите туристи се исти. Треба да се опоменуваат, па и да избркаат од објектот – нагласува Деловска.
Бранко Станоески смета дека најголемата одговорност е кај оние што управуваат со местото.
– Редот во една куќа го поставува домаќинот. Гостите не се виновни. Прво се наплаќа скапа карта за влез, потоа се ставаат неколкумина учени водичи чувари, добро платени и на крај дебело се казнуваат сите што ќе го прекршат редот – вели Станоески.
Како пример, тој ги посочува Метеорите во Грција.
– Појдете на Метеори во Грција и однесувајте се така, ќе видите што ќе ви се случи – додава тој.
Снежана Гајдова предлага задолжително да има лице на влезот што ќе ги информира посетителите за правилата.
– Треба еден да стои на влезот и да им каже дека е забрането сликање, па доколку се обиде некој да слика, да му се одземе телефонот. И тие одат со водич и нему нека му се каже како треба да ги води туристите – вели Гајдова.
И Андријана Аврамова сподели искуство од странство, од Рилскиот манастир во Бугарија.
– Бев во Бугарија, во Рилскиот манастир. Таму има лице или лица што, кога сакаш да сликаш, ти кажуваат дека не смееш да го правиш тоа и не ти дозволуваат никако. Треба и кај нас да е исто – смета таа.
Аврамова реагира и за начинот на облекување на дел од посетителите.
– Исто така, на самиот влез пишува да не се влегува во костим за капење, а има многу што влегуваат непристојно. Тоа е во секој Божји храм, не само таму – вели таа.
Во коментарите се посочува и улогата на туристичките водичи.
– Како прво, пред да влезат, треба да му се објасни на водичот дека треба тој да се грижи за редот во групата и да им објасни како треба да се однесуваат. Сега, важно е само повеќе туристи и само пари во очите на луѓето. Тука се и културата и воспитувањето на народот што влегува во светите места. Ако немаш страхопочит од светците, тогаш не знам што бараш таму. Но, пак ќе повторам, нашите не знаат ред да стават. Во овој случај, нашите се виновни – се посочува во дел од реакциите на социјалните мрежи.
(С. Бл.)












