СДСМ Битола тврди дека празната депонија со јаглен може да доведе до прекин на производството и предупредува на дополнителни трошоци за увоз на електрична енергија. Партијата реагира и за наводното доцнење на платите на вработените во ЕСМ. Од РЕК „Битола“ ги отфрлаат ваквите тврдења, и за весникот ВЕЧЕР посочуваат дека два термоблока се во функција и испорачуваат електрична енергија, а платите ќе бидат исплатени во законскиот рок.
СДСМ Битола обвини дека РЕК „Битола“ се соочува со недостиг од јаглен и дека постои опасност комбинатот да биде исклучен од електроенергетската мрежа, токму во текот на грејната сезона. Од партијата тврдат и дека доцни исплатата на платите за вработените во ЕСМ, поради што бараат одговорност од раководството и итни мерки за стабилизирање на енергетскиот сектор.
Според соопштението на СДСМ Битола, депонијата за јаглен во РЕК „Битола“ е празна, а поради недостигот од енергенс се очекува прекин на производството. Од партијата предупредуваат дека евентуалното исклучување на комбинатот би ја принудило државата да набавува електрична енергија од увоз, по цени од околу 300 евра за мегават-час, што дополнително би ги зголемило загубите на ЕСМ.
Од СДСМ реагираат и за исплатата на платите на вработените, тврдејќи дека средствата што требало да бидат исплатени во првата недела од месецот се одложени, а според нивните информации, исплатата се очекува до 20 ноември. Партијата оценува дека ваквата состојба создава дополнителна неизвесност за семејствата на вработените, особено во пресрет на зимскиот период.
Од РЕК „Битола“, пак, за весникот ВЕЧЕР ги демантираа тврдењата дека комбинатот нема производство. Оттаму информираат дека во моментов електрична енергија испорачуваат два термоблока во Битола, а паралелно се одвиваат операции за вклучување на термоелектраната „Осломеј“.
Во однос на исплатата на платите, од комбинатот посочуваат дека нема доцнење и дека средствата за вработените ќе бидат исплатени во законски предвидениот рок.
(С.Бл.)












