Древниот локалитет Кокино, стар околу четири милениуми, веќе 25 години откако е откриен ги фасцинира посетителите. Тој привлекува голем број вљубеници во природата да го следат реткиот астрономски феномен на летната долгодневица, кога може да се набљудува изгрејсонцето од точно определена точка на локалитетот. Така беше и вчераутро, кога голем број посетители беа на ова култно место во раните утрински часови за да ги проследат изгревањето на сонцето и почетокот на новиот ден. Меѓу посетителите беше и министерот за култура и туризам, кој го истакна значењето на локалитетот, посочувајќи дека посетата е дел од активностите на Министерството за култура и туризам насочени кон афирмацијата и промоцијата на културното наследство, како и кон подготовките за одбележување на значајниот јубилеј – 25 години од откривањето на Кокино, кој ќе биде одбележан годинава со повеќе научни, културни и промотивни настани.

Инаку, Кокино претставува едно од најзначајните археолошки и археоастрономски наоѓалишта на Балканот. Оваа мегалитска опсерваторија со векови го привлекува вниманието на научниците, истражувачите и на посетителите, пред сè поради фактот што древните жители тука безгрешно го следеле движењето на Сонцето и на небесните тела. Нивното извонредно познавање на природните циклуси оставило траен печат во секојдневниот живот и во духовната култура на ова поднебје.

Најголемата привлечност на локалитетот лежи токму во неговата уникатна поврзаност на природата, науката и мистицизмот. Првиот сончев зрак што минува низ специфичниот камен процеп со милениуми ја најавувал жетвата, креирајќи прецизен календар изработен од самите карпи. Овој редок астрономски феномен и денес нуди автентично доживување за секој што ќе се најде на камените престоли во мигот на раѓањето на денот.

ИЗДВОЕНИ