понеделник, септември 14, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Каматните стапки нема да паднат

Каматните стапки нема да паднат

28

Народната банка одлучи да ја задржи основната каматна стапка на 4,25 проценти, по редовната седница на Извршниот одбор одржана на 28 јули. Одлуката следува по јунското зголемување на каматата и се темели на најновите економски показатели и на процените за ризиците во домашното и меѓународното окружување.

Од Народната банка посочуваат дека девизниот пазар останува стабилен, а девизните резерви се на сигурно ниво и се доволни за одржување на стабилноста на курсот на денарот.

Годишната инфлација во јуни забавила на 3,4 проценти, што е пониско од очекувањата. Сепак, централната банка оценува дека е потребно повеќе време за да се потврди дека овој тренд е одржлив, особено поради високата неизвесност поврзана со геополитичките случувања, конфликтите на Блискиот Исток и во Украина и нивното влијание врз цените на енергентите и на синџирите на снабдување.

Во соопштението се наведува дека домашната економија и натаму покажува отпорност. Во првиот квартал од годинава, бруто-домашниот производ пораснал за 3,1 процент, а достапните показатели упатуваат на можност за дополнително забрзување на економската активност во вториот квартал.

Народната банка истакнува дека ќе продолжи внимателно да ги следи економските и финансиските движења во земјата и во странство и, доколку биде потребно, ќе ги искористи сите расположливи инструменти за зачувување на ценовната и финансиската стабилност.

ИЗДВОЕНИ