Некој се обидува свесно да ја манипулира јавноста и свесно да ги дезинформира граѓаните околу проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“. Но, јас нема да доволам да остане каков било сомнеж во процесот. Затоа, на мое инсистирање, законот беше повлечен од парламентот. Тој ќе биде ставен на јавна дебата – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој ги отфрли критиките на опозицијата и на невладиниот сектор во врска со реализацијата на овој проект. Мицкоски изјави дека проектот започнал пред десет години, но не бил реализиран. Скопје беше избран за престолнина на европската култура за 2028 во 2023 година за време на претходната влада и претходниот градоначалник. Мицкоски уште и информираше дека на негово инсистирање законот бил повлечен од Собранието, иако тој беше предложен од група пратеници.
Мицкоски рече дека Владата се соочила со ризик Скопје да ја загуби титулата „Европска престолнина на културата“, иако тој е премиер веќе две години, а ВМРО-ДПМНЕ го има мнозинството во Советот на Скопје од 2021.
Според Мицкоски, не станува збор за директор на јавна институција, туку за фондација формирана за спроведување на проектот.
-Станува збор за фондација и за проект кој започнал пред десет години. За жал, ништо не беше направено, а Владата се соочи со предизвик за првпат во историјата на некој град да му биде одземена титулата Европска престолнина на културата – изјави Мицкоски за време на престојот во Битола.
Тој додаде дека законското решение се подготвува во согласност со европските препораки и практики, наведувајќи дека ваков модел бил применет и во други европски градови. „Не е ова ништо поразлично од тоа што било во Хелсинки“, рече тој.
-За правилно информирање на јавноста, сакам да напоменам дека станува збор за таканаречена книга или bidbook, којашто е добиена уште пред пет-шест години, во којашто се дефинирани приоритетите од порано, а Владата и овој градоначалник ги наследи. Тоа се настани коишто треба да се случат 50 дена во следната 2027 година, и секој ден во годината 2028 година, а во 2029 година Фондацијата треба да прерасне во јавно претпријатие коешто ќе има директор – појасни премиерот Мицкоски. (Б.Ѓ.)












