понеделник, ноември 9, 2026
Дома МАГАЗИН „Мета“ воведува проверка на возраста заснована на ВИ – ќе наметне ограничувања...

„Мета“ воведува проверка на возраста заснована на ВИ – ќе наметне ограничувања на профилите на тинејџерите на „Инстаграм“

0
Фото:википедија

Компанијата „Мета“ најави глобално воведување на својата технологија за проценка на возраста, која се потпира на вештачка интелигенција. Со ова, заштитните мерки наменети за тинејџерите ќе се прошират и на милиони други корисници на „Инстаграм“.

Од компанијата објаснуваат дека технологијата ги идентификува корисниците за кои постои сомневање дека се тинејџери, дури и ако при регистрацијата навеле дека се возрасни. Сметките за кои системот проценува дека им припаѓаат на тинејџери, автоматски ќе бидат префрлени на заштитни поставки прилагодени на нивната возраст.

Овие поставки го ограничуваат тоа кој може да стапи во контакт со младите корисници, видот на содржината што им се прикажува, како и времето што го поминуваат на платформата. Компанијата потврди дека продолжува со имплементација на оваа технологија и на Facebook, а сличен систем до крајот на оваа година ќе биде воведен и на глобално ниво на платформата „Тредс“ (Threads).

Дел од спогодба со американските обвинители

Проширувањето на овој систем е дел од обврските што Meta ги презеде во рамките на спогодбата со 52 јавни обвинители од американските сојузни држави, територии и округот Колумбија. Од Meta наведуваат дека целта на договорот е да се подобри идентификацијата на тинејџерите и децата помлади од 13 години.

Компанијата исто така најави дека, почнувајќи од овој месец, родителите во САД преку Instagram ќе добиваат информации за овие заштитни мерки, како и насоки како да се осигураат дека нивните деца ќе ја наведат точната возраст при регистрацијата.

Нови мерки и повик до индустријата

Како дополнителен механизам за проверка, компанијата во Австралија веќе почна да ги користи податоците на Apple за возрасните категории на корисниците. Истовремено, Meta ги повика конкурентските платформи, како TikTok и YouTube, да усвојат слични практики. Според компанијата, доследното спроведување на заштитни мерки на сите платформи за социјални медиуми е од суштинско значење за безбедноста на младите.

Согласно договорот објавен во август, Meta се обврза да воведе дополнителни заштити за помладите корисници. Овие мерки вклучуваат дневни ограничувања за користење на платформата, автоматско блокирање на пристапот во текот на ноќните часови, исклучување на известувањата за време на училишните часови, како и проширени опции за родителска контрола.

ИЗДВОЕНИ