Американската технолошка компанија „Мета“ развива бизнис за услуги за cloud computing за да им продава на компаниите вишок компјутерски капацитет наменет за развој на вештачка интелигенција.
Според извори, проектот е сè уште во рана фаза и конечната стратегија може да се промени, но неговата имплементација би се обидела да генерира дополнителни приходи од големи инвестиции во инфраструктура за вештачка интелигенција, пренесе „Ројтерс“.
Веста имаше позитивно влијание врз акциите на „Мета“, кои скокнаа за повеќе од 10 проценти во текот на денот, додека акциите на компаниите „КорВив“ и „Небиус“, специјализирани за изнајмување на инфраструктура за AI компјутерски услуги, забележаа двоцифрени загуби поради очекувањата дека „Мета“ би можела да стане нивен конкурент, но и да ја намали употребата на нивните услуги, објави „Танјуг“.
Како дел од новиот бизнис, „Мета“ би им понудила на корисниците пристап до својот компјутерски капацитет и инфраструктура за развој на вештачка интелигенција, со што би влегла во директна конкуренција со водечките светски даватели на cloud услуги, вклучувајќи ги „Amazon Web Services“, „Microsoft Azure“ и „Google Cloud“.












