Маж со автомобил покоси 7 ученици од основно училиште: „Ми беше доста од сè, се обидов да ги убијам!“

112
pexels pixabay

28-годишен Јапонец во четвртокот со автомобил удрил во група ученици од основно училиште кои се враќале дома од училиште во градот Осака, при што повредил седум деца, соопшти локалната полиција.

Возачот, Јуки Јазава, беше уапсен под сомнение за обид за убиство по инцидентот. „Ми беше доста од сè. Се обидов да прегазам и да убијам ученици од основно училиште“, ја цитираше полицијата неговата изјава.

Полицијата соопшти дека децата се однесени во болница и сите се свесни.

Седумгодишно девојче добило скршена вилица, додека останатите деца, момчиња и девојчиња на возраст од седум и осум години, наводно добиле релативно лесни повреди. Сите биле во свесна состојба кога биле пренесени во болница. Полицијата на местото на настанот го уапсила Јуки Јазава, 28-годишен невработен маж од градот Хигашимурајама во Токио. Не е јасно зошто се наоѓал во Осака.

„Едноставно ми беше доста од сè, па решив со автомобилот да убијам ученици од основно училиште“, изјавил Јазава пред полицијата, пренесува НХК. Според извештаите, наставници од основното училиште го извлекле осомничениот од автомобилот, во кој останал по ударот во децата.

Мајка во дваесеттите години, која дошла да го земе својот син и била сведок на нападот, изјави за НХК: „Автомобилот возеше брзо и продолжи да се движи напред дури и откако ги удри децата. Мојот син беше многу шокиран и плачеше цело време…Застрашувачки е. Го видов човекот што го возеше автомобилот. Беше многу тивок и изгледаше зашеметено.“

Друг сведок за НХК изјави дека автомобилот се вратил кон децата откако ги удрил. Ученик од основно училиште за МБС Њуз, изјави дека мажот во автомобилот „возел несигурно“. „Одев покрај патот и одеднаш автомобилот за малку не нè удри. Учениците од втора и трета година пред мене беа повредени и крвареа од главата откако беа заробени меѓу автомобилот и ѕидот“, рече ученикот.

ИЗДВОЕНИ