среда, септември 30, 2026
Дома СВЕТ Климатски аларм: Морињата растат, стануваат потопли и покисели

Климатски аларм: Морињата растат, стануваат потопли и покисели

0

Светските океани во текот на изминатата година апсорбираа рекордни 23 зетаџули топлина, што е речиси 40 пати повеќе од вкупната енергија што човештвото ја потроши во истиот период, покажува новото издание на извештајот на „Коперникус“ за состојбата на океаните.

Истовремено, нивото на морето продолжува да расте, океаните стануваат потопли и покисели, а последиците од климатските промени сè посилно ги погодуваат морските екосистеми.

Според десеттото издание на Copernicus Ocean State Report, глобалното ниво на морето од 1999 година расте во просек за околу 3,8 милиметри годишно, додека помеѓу 2012 и 2025 година стапката на раст е забрзана на 4,2 милиметри годишно. Киселоста на светските океани е зголемена за 17 отсто во последните 40 години.

Океаните апсорбираа приближно една третина од јаглерод диоксидот што човештвото го испушти во атмосферата и околу 90 отсто од дополнителната топлина што стакленичките гасови ја задржаа во климатскиот систем на Земјата.

„Океанот се трансформира пред нашите очи. Загревањето, порастот на нивото на морето и деградацијата на екосистемите се меѓусебно поврзани показатели за значајни и долгорочни промени“, изјави генералниот директор на Mercator Ocean International, Пјер Бахурел, чија организација го објави извештајот.

Посебно загрижува состојбата во Европа, која се загрева приближно двојно побрзо од глобалниот просек.

Средоземното и Црното Море последните години бележат рекордни морски топлински бранови, при што покачените температури продираат длабоко под површината, а одделни екстремни периоди траат подолго од еден месец.

Целото Средоземно Море се загрева за околу 0,32 степени Целзиусови по деценија, додека во неговиот западен дел е забележано јасно забрзување на растот на нивото на морето.

Научниците предупредуваат дека загревањето на морето дополнително ги влошува и топлинските бранови на копното, бидејќи загреаните крајбрежни води во текот на ноќта ослободуваат топлина која инаку би се намалувала.

ИЗДВОЕНИ