Извршуваат најзначајни државни функции, имаат најголема одговорност пред граѓаните, стекнуваат искуства со најразлични општествени проблеми, создаваат контакти во меѓународни фактори… но кога ќе заминат од функциите ретко или речиси никогаш не се среќаваат заедно со актуелните државни функционери. Сето тоа искуство, знаења и контакти од кои државата и нејзините граѓани би можеле да имаат полза, остануваат неискористени. Наместо заеднички средби за размена на искуства на кои граѓаните би можеле да видат дека и најголеми политички и идеолошки ривали може да седат и да разговараат, во јавноста и натаму опстојува слика на партиските лидери и на државните функционери како најголеми непријатели и луѓе вкопани во партиски и идеолошки ровови, чија главна цел е да се порази и да се дисквалификува политичкиот противник. А дисквалификациите и сè позачестените тешки навредувања лесно се пренесуваат меѓу граѓаните кои потоа лесно стануваат поделени и конфронтирани едни со други по населбите, работните места…
Наспроти ова, социолозите укажуваат дека средбите меѓу поранешните и актуелните државни функционери се потребни и дека тие може да внесат позитивна енергија во општеството. Во македонското Собрание, денеска, беше одржана нова средба на актуелниот собраниски спикер, Африм Гаши, со поранешни собраниски претседатели. По средбата во април, ова е ново среќавање на кое се разменувале искуствата во извршување на функциите и се давало мислење за унапредување на собраниската работа. Тогаш актуелниот спикер и ексспикерите разговараа за етичкиот кодекс на пратениците, за дигитализацијата, за колективните договори во високото образование, за формирањето на советодавно и консултативно тело за да се обезбеди континуитет на институционална меморија на Собранието.
Или ги нема или се ретки
Дали и колкав век и кој досег ќе го имаат средбите кои сега ги организира собранискиот спикер Гаши, останува да се види. Кога почна да ги организира, тој објасни дека целта му е првенствено да се најде начин да се искористи искуство на поранешните функционери.
– Тоа искуство што сте го стекнале, не може да го држите само за себе. Мислам дека наша обврска е тоа што ни го дала државата, на пример, да бидам претседател на Собранието, да не го чувам само за себе туку да го споделувам и да го пренесам на новите претседатели. А дали новиот претседател ќе го искористи тоа – е негово право – нагласи тогаш Гаши.
Но, за жал, ваквите средби ги нема или се сосема ретки кога се работи за среќавања на поранешни претседатели на државата, поранешни премиери, министри…
– За жал, такви средби нема, а тие може да донесат многу позитивни нешта, иако треба да се среќаваат лидери кои припаѓаат на различни политички опции и кои едни за други во кампањите зборуваат лоши работи. Заедничката средба, во принцип, ќе биде добра работа. Со нив се одржува континуитет во демократијата, се негува дијалогот во општеството, се разменуваат искуствата кои може да ги искористат актуелните и идните функционери. Еден од проблемите со поранешните функционери е што многу ретко ги има во јавноста, не се појавуваат со написи, колумни. Имаат некои активности одвреме-навреме, но тоа не е доволно – смета Ѓорѓи Тоновски, универзитетски професор и социолог.
Поранешните шефови на државата, Бранко Црвенковски, Ѓорѓи Иванов и Стево Пендаровски, своите активности главно ги насочуваат кон повремени појавувања на домашни и меѓународни собири или, пак, организирања на дебати на кои учествуваат експерти од различни области. Но, во јавноста тие ретко се појавуваат со свои ставови за актуелни теми во македонското општество. Досега, пак, немало ниту иницијатива од актуелната претседателка на државата за заедничка средба со нив. Слично стојат работите и кога се работи за средбите на поранешните и актуелниот премиер. Последната таква средба на премиери била одржана во 2011 година, а поводот бил одбележувањето на 20-годишнината од независноста на Македонија. Односно, поводот повеќе бил свечен отколку што бил работен. Слично е и кога се работи за заеднички средби на поранешни и на актуелни министри каде што се забележани само неколку такви средби.
– Заедничките средби би пратиле позитивна енергија до граѓаните, порака дека дијалогот е можен и покрај сите разлики. Советите на поранешни функционери, сепак, може да помогнат. Ако не директно, тогаш на индиректен начин. Со нив се праќа порака дека тие луѓе може да разговараат, дека нетрпеливоста меѓу нив не е толку голема како што изгледа во кампањите, дека некој сака да се договора за решавање на заедничките проблеми и за иднината на државата. Ќе се внесе и доза смиреност и сигурност меѓу граѓаните – нагласи социологот Тоновски.
Неоправдан страв
Меѓутоа, заедничките средби и натаму не се случуваат. Во меѓувреме, македонската јавност сè повеќе е сведок на тешките навредувања меѓу партиските лидери од власта и од опозицијата, а кои оставаат последици и во односите меѓу граѓаните. Прашањето што се наметнува е зошто кај државните раководители, кои во одреден мандат ги извршуваат функциите, не постои подготвеност за среќавања со своите претходници. Односно, дали причините за одбојност треба да се бараат во стравот на функционерите дека ќе им се намали популарноста и рејтингот во јавноста доколку се сретнат со поранешните функционери со кои воделе тешки изборни војни полни со најразлични дисквалификации. Или, пак, дека јавноста може да биде сведок на давање добри и конструктивни предлози од страна на претходниците, а кои би ги прифатиле оние што ја вршат функцијата во тој момент…
– Сигурно е дека причините може да се бараат во тие фактори, дека има и страв дека може да се намали рејтингот, да се загуби дел од угледот. Но тоа е неоправдано бидејќи најважно треба да биде покажувањето на македонските граѓани дека лидерите и раководствата може да се среќаваат во слога и дека на таков начин, животот може да се олесни и да се шири емпатија, способност за препознавање и разбирање на чувствата на другата личност – нагласува социологот Тоновски.
Инаку, на вчерашната средба спикерот Гаши ја потпишал одлуката за формирање на Советот на поранешните претседатели на Собранието, тело кое за првпат се формира во историјата на парламентот. На средбата присуствуваа Тито Петковски, Никола Поповски, Трајко Вељановски и Јован Митревски.
-Остануваме посветени заеднички да работиме за Собрание кое го почитува минатото, ја зајакнува сегашноста и ја гради иднината – соопшти Гаши. (Б. Ѓ.)












