Пред настапот на „Бисер Јадрана 2026“, македонската ѕвезда на „Гранд“ ѝ кажа „ДА“ на својата девојка Лара!

Македонскиот поп-пејач Мартинијан Кириловски, кој пред две-три години беше победник на „Макфест“, но и многу успешен учесник во шоуто „Ѕвездите на Гранд“, деновиве ја прослави свршувачката со својата долгогодишна љубов, згодната Лара Денковиќ. Среќната двојка направи весела атмосфера исполнета со љубов, насмевки, добра музика и многу емоции. И со одбрани гости, најблиските роднини. Прославата се случи во еден кумановски ресторан. За одличната забава се погрижи и неговиот естраден колега, Мите Стоилков.

Мартинијан и Лара, на овој посебен ден, зрачеле и со елеганција. Идната невеста изгледала прекрасно во кус бел фустан со деколте, а целиот изглед го заокружила со внимателно избран накит во комбинација со нежна шминка, кои ѝ дале дополнителен впечаток на романтика и префинетост. Идниот младоженец одбрал елегантна комбинација – светлосив костум со бела кошула, со што совршено се вклопил во свечената атмосфера на прославата.Сето тоа, на Мартинијан му доаѓа како подарок пред неговиот значаен настап на Меѓународниот музички фестивал „Бисер Јадрана“ на 18 јули во Тиват, на Црногорското приморје. Настапот во Тиват е уште еден значаен чекор во кариерата на Кириловски, кој во изминатите години успешно го гради своето име и надвор од границите на Македонија. Овој музички настан исполнет со медитеранска атмосфера, нашата публика ќе може да го проследи на малите екрани, со директен пренос од 21:00 часот на Македонската телевизија.

Се разбира, Мартинијан ќе пее сосема нова песна насловена како „Сирена“. Станува збор за морската сирена. Полна со емоции, летни доживувања, и се разбира, со современ поп-звук. Зад песната застана авторот на музиката и текстот, Митко Чешларов, додека аранжманот е дело на Анѓел Ќосев. Песната е снимена во студиото „Подрум“. Инспирацијата за „Сирена“ доаѓа од старогрчкиот мит за сирените – мистично суштество кое со својот волшебен глас ги заведувало морнарите.

(Д. М.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ