Две финансиски друштва добија привремена забрана за одобрување нови кредити во период од 30 дена, откако Министерството за финансии утврдило неправилности во нивното работење. Покрај забраната, на друштвата им се изречени и парични глоби согласно законските прописи. Контролите биле спроведени во изминатите три месеци, по добиени пријави и поплаки од граѓани кои укажале на можни незаконитости во работењето на финансиските друштва.

Од Министерството за финансии посочуваат дека пријавите од граѓаните се еден од клучните механизми за откривање неправилности, поради што секоја доставена претставка се разгледува и, во зависност од утврдените наводи, се преземаат соодветни мерки во рамките на законските овластувања.

Засилениот надзор веќе резултирал со низа санкции. Од јули 2024 година досега, Министерството одзело четири лиценци за работа на финансиски друштва, привремено затворило три, а казни изрекло на уште 18 друштва. Вкупниот износ на досега изречените глоби изнесува 3.040.323 денари, односно околу 49.400 евра. Дополнително, биле издадени и 58 писмени наредби со рокови во кои требало да се отстранат констатираните неправилности. Надзорот се реализира преку редовно следење на работењето на финансиските друштва, но и непосредни контроли на нивните активности, согласно Законот за финансиските друштва и соодветните подзаконски акти.

Од Министерството ги повикуваат граѓаните кои сметаат дека биле оштетени или располагаат со информации за неправилности при одобрувањето и работењето на финансиските друштва да ги пријават случаите. Од институцијата најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со засилено следење на финансиските друштва и санкционирање на утврдените прекршувања, со крајна цел поголема транспарентност и заштита на граѓаните кои користат финансиски услуги.

ИЗДВОЕНИ