Во стилот на европските музички промоции!
Згодната поп-пејачка Марија Спасовска, неодамна, во присуство на медиумите, соработници, колеги, новинари и многу гости го промовираше својот деби албум „Седатив“ на настан што се одржа во стилот на европските музички промоции, а кој предизвика интерес. Пред присутните беа претставени четири песни од албумот, при што носечката нумера „Седатив“ беше воедно промовирана со официјален видеоспот.
Останатите три песни беа презентирани по пат на аудио, една по една, при што новинарите и останатите присутни имаа ексклузивна можност премиерно да ги слушнат, но и да дадат свое мислење, осврт и критика за нејзиниот нов музички материјал. Со особено задоволство беше истакнато дека овие три композиции дополнително ќе добијат и свои видеоспотови, кои ќе бидат објавени во наредниот летен период.
Интересно е што една од песните кои публиката ги слушна за првпат е дуетската со Давид Темелков. Тоа е дополнително изненадување во рамките на новиот албум. Марија Спасовска се потпишува како автор на музиката и текстовите на албумот, додека аранжманите на целиот проект се дело на познатите Николче Мицевски и Иван Јованов. – “Седатив е албум што го создавав подолг временски период и во кој вложив многу лична емоција, искуства и размислувања. Секоја песна има своја приказна и носи дел од мене, дел од моето растење и созревање како уметник, но и како човек. Сакав да направам албум кој нема да биде само музика за слушање, туку музика што се чувствува и која остава трага.
Верувам дека публиката ќе се пронајде во овие песни, ќе ги доживее на свој начин и ќе им даде свое значење. Ова е мојот најискрен проект досега и навистина сум среќна што конечно го споделувам со сите оние кои ја сакаат мојата музика, емотивно изјави Спасовска.
(Д.М.)












