Во Прима центар во Берлин, на 23 јуни во 19:00 часот, ќе биде отворена изложбата „поПуст(о) % – исто“ на македонската уметница Марија Сотировска-Богдановска. Инсталацијата го презема визуелниот јазик на трговијата: етикети, попусти и рекламни формули, но го користи за да ги разоткрие неговите внатрешни противречности. Наместо да ја зајакне илузијата на изобилството, делото ја преведува економската вредност во поинаква, поскриена пресметка: козметичкиот третман се претвора во количина вода, модниот додаток во медицинска помош, технолошкиот уред во детски труд, а криптовалутата во енергија доволна за едно село.
Изложбената поставка дополнително ја нагласува критичката перспектива. Црвената патека ги води посетителите низ ритуалот на потрошувачката до конвексно сообраќајно огледало со натпис „Добредојде на попусто!“, кое го враќа погледот на гледачот кон самиот себе во искривена форма. Токму на ова место посетителот е повикан да го запише или нацрта сопствениот слоган за попуст, чин со кој и самиот станува дел од машинеријата на пазарната реторика што претходно ја набљудувал однадвор. Насловот на проектот функционира како јазична игра во која се преклопуваат повеќе значења: „попуст“ како термин на пазарната економија, „пусто“ како слика на опустошувањето и „исто“ како алузија на повторливоста на истиот економски механизам.
Марија Сотировска-Богдановска (1983, Скопје) дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Реализирала бројни самостојни и групни изложби во земјава и во странство, меѓу кои во Берлин, Софија, Белград, Загреб, Подгорица, Прага, Москва и во Пекинг. Членка е на уметничката група МОМИ.












