понеделник, јуни 22, 2026
Дома МАГАЗИН Убедливо победи Виктор Димитриевски со 5.634 гласа од публиката и со „Кирјана...

Убедливо победи Виктор Димитриевски со 5.634 гласа од публиката и со „Кирјана вино продава“

292

По големото финале на балканското шоу „Никогаш не е доцна“! Димитриевски од Куманово, освојувајќи ја наградата од СМС-гласовите, истакна дека со големо задоволство се одлучил да пее стара македонска песна, поради што најмногу ѝ ја разнежи душата на Ана Бекута. Преку гласањето на„Фејсбук“, победата ја однесе Јасмин Селмановиќ-Јаско од Сјеница, додека жирито ѝ ги даде своите гласови на одличната Ивана Шалипур-Лола, која е Македонка од мајчина страна, а Србинка по татко

 Мега-балканското шоу „Никогаш не е доцна“ (или Никад није касно), со своето 11. издание по ред, заврши со победа на уште еден пејач од Македонија. Виктор Димитриевски, кој е од Куманово, доби најмногу гласови од страна на публиката преку СМС-гласањето, освојувајќи над 5.634 срца, кои гласаа за него. Всушност, оваа единаесеттата сезона на шоуто „Никогаш не е доцна“ доби тројца победници, кои беа избрани од публиката и од стручното жири.

Големото финале во Белград можеше да се следи и преку малите ТВ-екрани од Триглав до Гевгелија. Се споменува број од околу пет милиони гледачи, што е навистина голем рекорд и голема популарност што ја ужива „Никогаш не е доцна“ меѓу народот, особено во Македонија.

Нашиот Виктор Димитриевски од Куманово, победувајќи преку СМС-гласовите, истакна дека со големо задоволство се одлучил да ја пее старата македонска песна „Кирјана вино продава“, поради што најмногу ѝ ја разнежи душата на Ана Бекута.

– Во финалето имав желба да отпеам една традиционална македонска песна. Желбата ми се исполни и многу сум среќен со самото тоа што публиката од цела поранешна Југославија, како и од дијаспората, даде најмногу гласови за овој македонски музички бисер. Упатувам зборови на благодарност до „Гранд продукција“, благодарност до моите естрадни колеги за поддршката во текот на целиот натпревар, а потоа и на оркестарот, кој ме придружуваше и ме советуваше. Голема благодарност до сите што гласаа за мене, до моето семејство, а особено до мојата сакана сопруга – гордо изјави победникот Димитриевски.Во изминатите емисии, Виктор ги воодушеви сите со изборот на песните, а особено воодушевена беше Каролина Гочева, како дел од жирито, која како да се топеше додека го слушаше. Тогаш Димитриевски го доби интересниот прекар Македонскиот “Здравко Чолиќ”. Инаку, Виктор по струка е дипломиран електроинженер и работи како консултант за енергетска политика во една енергетска компанија. Музиката му е најголем мерак во животот.

Кога станува збор за гласање преку „Фејсбук“, победата ја однесе Јасмин Селмановиќ-Јаско од Сјеница, Србија, кој освои 19.605 гласа од ФБ-публиката.

Со одлуката на стручното жири, победничка на 11. сезона е Ивана Шалипур-Лола, која живее и работи во Чикаго, САД. Таа потекнува од музичко семејство, а остави силен впечаток кај членовите на жирито со својот талент, емоциите, настапот и со импресивната интерпретација, и тоа во текот на целиот натпревар. Заслужено ја освои победата, пеејќи ја феноменално песната „Бато“ од репертоарот на популарната Калиопи. Не е воопшто тајна дека едно време Лола работеше во Америка како успешен сексолог, професионално помагајќи им на брачните двојки, но и на многу жени и мажи што се соочуваа со интимни проблеми. Таа е Македонка по мајчина страна, а Србинка по татко. Воедно, таа ѝ е внука на нашата легендарна Блага Видец. Некои од нејзините роднини се членови на Македонската филхармонија. Во текот на својата музичка кариера, врвот на популарноста го доживеа со песната „Бесмртни“, која стана голем хит во (српската) дијаспора.

(Д. М.) фото: архива-ННД

 

ИЗДВОЕНИ