четврток, ноември 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Дијабетесот не се крие, со него се живее – Гевгелиското здружение со...

Дијабетесот не се крие, со него се живее – Гевгелиското здружение со пораки за превенција и поддршка

1

По повод 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот, Здружението на граѓани со дијабетес за општините Гевгелија, Богданци и Дојран организираше интерактивна превентивно-едукативна изложба. Покрај членовите на Здружението, настанот беше посетен и од голем број граѓани, на кои им беше измерено нивото на шеќер во крвта и крвниот притисок.

-Сакаме да упатиме неколку искрени и добронамерни пораки до Министерството за здравство: Да се обезбедат сензори за континуирано мерење на шеќерот во крвта за сите пациенти со тип 1 дијабетес, со напомена дека овие уреди не се луксуз туку современа технологија која ги штити пациентите од опасни хипо и хипер гликемии и дијабетични компликации. Бараме квалитетни и прецизни глукометри за сите пациенти со дијабетес тип 1 и тип 2, како и најсовремена дијабетична терапија за пациeнтите со тип 2 дијабетес,што ќе придонесе заштита на срцето, бубрезите и крвните садови кај пациентите, изјави претседателката на Здружението, Катерина Каркалашева за весникот ВЕЧЕР.

Членовите на гевгелиското здружение на дијабетичари посочуваат дека дијабетесот не е пречка за исполнет и квалитетен живот, туку предизвик кој бара знаење, одговорност и грижа за сопственото здравје. Раното откривање, редовните контроли, здравите животни навики и поддршката од семејството и општеството се најважните чекори во справувањето со оваа болест.

-Дијабетот не е нешто што треба да се крие, ниту битка која можеме сами да ја водиме. Затоа споделувањето на нашиот предизвик е првиот чекор кон превземање на контролата над сопствениот живот“- апелираат од Здружението.

Светскиот ден за борба против дијабетесот се одбележува секоја година на 14 ноември како најголема светска кампања за подигање на свеста за оваа болест, предводена од Меѓународната федерација за дијабетес и СЗО. Кампањата ја нагласува клучната важност од рано откривање на дијабетесот, препознавање на предупредувачките знаци и намалување на ризиците од дијабетес тип 2.

Бројки кои загрижуваат се дека 1 од 9 возрасни лица ширум светот моментално живее со дијабетес, повеќе од 252 милиони возрасни лица на глобално ниво живеат со дијабетес кој не е дијагностициран, додека 635 милиони возрасни лица се изложени на висок ризик од развој на дијабетес тип 2. Датумот 14 ноември всушност е роденденот на сер Фредерик Бантинг, кој заедно со Чарлс Бест го открил инсулинот во 1922 година. Официјалната тема за Светскиот ден на дијабетесот 2026 година е „Рано дејствување во врска со дијабетесот“

 

ИЗДВОЕНИ