Додека светските енергетски пазари остануваат под силен притисок од геополитичките тензии и скокот на цената на нафтата над 105 долари за барел, во Македонија засега има мало олеснување за возачите. Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика донесе просечно намалување на цените на горивата од 1,78 проценти, со најголем пад кај дизелот и кај екстра лесното масло.
Иако е минимално ова намалување, граѓаните барем привремено ќе почувствуваат пониски трошоци при точењето гориво. Сепак, надлежните и аналитичарите предупредуваат дека стабилноста на цените останува неизвесна и директно зависна од случувањата на глобалните берзи
Додека светот внимателно ги следи геополитичките тензии, домашните возачи барем привремено ќе почувствуваат мало олеснување на бензинските пумпи. Според денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, поевтинија дел од нафтените деривати – малопродажните цени во просек се намалија за 1,78 проценти, а најголемо намалување ќе има кај дизелот и кај екстра лесното масло за домаќинство.
Новата цена на еуродизелот се намалува за 4 денари за литар и ќе изнесува 89,50 денари, додека екстра лесното масло поевтинува за 4,5 денари и ќе чини 94 денари за литар. Бензинот еуросупер БС-95 останува непроменет – 85 денари, а БС-98 ќе чини 86,50 денари, односно е за половина денар поевтин од претходно.
Од Регулаторната комисија објаснуваат дека намалувањето е резултат на пониските референтни цени на светските пазари, каде што особено е забележан пад кај дизелот и кај лесните нафтени дестилати. Во исто време, курсот на доларот бележи благо намалување во однос на денарот, што дополнително влијаело врз конечната пресметка.
Но, и покрај моменталното олеснување за граѓаните, глобалните случувања повторно внесуваат неизвесност на енергетските пазари. Аналитичарите предупредуваат дека цените на горивата и натаму ќе зависат од случувањата на светските берзи и од развојот на воената криза на Блискиот Исток. Инвеститорите веќе стравуваат од нови потреси поради продолжената блокада на Хормускиот Проток, кој е една од најважните поморски маршрути за транспорт на нафта во светот.
Тензиите дополнително се зголемија откако американскиот претседател, Доналд Трамп, го отфрли иранскиот предлог за мировен договор, оценувајќи го како „целосно неприфатлив“. По оваа изјава, цената на нафтата брент на лондонскиот пазар сабајлево скокна над 105 долари за барел, додека американската WTI достигна околу 100 долари.
Економистите предупредуваат дека секое дополнително пролонгирање на кризата може да предизвика нов раст на цените на енергенсите на глобално ниво. Според аналитичарите од „Џеј пи Морган Чејс“, ризикот од поскапување расте со секоја недела додека трае блокадата на Хормускиот Проток.
Во Македонија, Владата уверува дека внимателно се следи состојбата и дека засега остануваат на сила мерките за ублажување на ценовниот удар. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, најави дека Владата е подготвена повторно да преговара со „Окта“ за продолжување на попустите на горивата и по 18 мај, доколку продолжи нестабилноста на светските пазари.
– Следиме што се случува со цените на берзите и со состојбата на Блискиот Исток. Ако биде потребно, повторно ќе разговараме за продолжување на мерките во интерес на граѓаните – изјави Божиновска.
Таа посочи дека Македонија во моментов има едни од најниските цени на горивата во регионот, а сличен став неодамна изнесе и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека дел од граѓаните од соседните земји веќе доаѓаат во земјава за да точат поевтино гориво.
Во меѓувреме, растот на цените предизвикува реакции и во САД. Американскиот министер за енергетика, Крис Рајт, откри дека администрацијата на Трамп разгледува можност за привремено укинување на федералниот данок на горивата со цел да се намали товарот врз граѓаните.
Според Рајт, Белата куќа веќе презела низа мерки за стабилизирање на пазарот, меѓу кои користење на стратешките резерви на нафта и зголемување на производството во рафинериите. Сепак, тој предупреди дека клучот за смирување на цените останува развојот на ситуацијата во Персискиот Залив.
(С. Бл.)












