недела, август 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА МАКЕДОНСКИТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ, НА ПАТОТ ДО ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ, НЕ ВОЈУВАЛЕ САМО СО ОРУЖЈЕ:...

МАКЕДОНСКИТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ, НА ПАТОТ ДО ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ, НЕ ВОЈУВАЛЕ САМО СО ОРУЖЈЕ: И со тајните шифри на ВМРО и на Гоце Делчев се испишуваше патот кон слободна татковина

Уште во периодот на формирањето на револуционерната организација во 1893 година и подоцна, револуционерите развиле цели системи на шифрирање на азбуката со кои потоа се пишувале пораки, наредби и налози за набавување, префрлање и чување на оружјето, за омасовување на членството и за подготовки за востанието. „Цело време додека постоела Организацијата, турската полиција практично останала немоќна да ги разоткрие тајните на шифрирањето. Тоа доволно кажува за силината на Организацијата, за нејзината тајност и за делувањето како држава во држава“, објаснува историчарот Никола Жежов.

0

Буквата Б се пишува како X, со Е ќе се означува буквата В, со T се означува Г, наместо Л треба да се пишува I, Н е D, а А си е иста – А. Вакви биле шифрираните ознаки за македонската азбука со кои се пишувале зборовите во шифрираните пораки што им ги праќал големиот македонски револуционер Гоце Делчев на своите соборци, во годините кога се подготвувало македонското востание за слобода, кое кулминирало на 2 август 1903 година. Вака шифрираната азбука е само еден од бројните оригинални документи кои сега грижливо се чуваат во македонскиот Државен архив, а со кои биле пишувани и испраќани пораки и наредби во тие тешки борбени години не само од негова туку и од страна на бројни други членови на Македонската револуционерна организација. Целта била една: да се зачува тајноста на делувањето, никој да не биде откриен, уапсен и осуден и што подобро да се спроведат сите подготовки за востанието, да се набават оружје, муниција, опрема во предвечерието на борбата против отоманскиот поробувач… И најчесто се успевало во тоа, сè благодарение на развиениот систем на шифри, кој како систем го користеле македонските револуционери и кој подразбирал изработка на посебно шифрирана азбука преку која се комуницирало, се пренесувале наредби, се добивале одговори…

Може слободно да се каже дека токму благодарение на така развиениот систем на шифри со кои се пишувале пораките, македонските револуционери успеале да разгранат силна организациска мрежа, останувајќи неоткриени од тогашната османлиска власт. Преку шифрирани пораки и наредби се ширела мрежата на комитетите, се зголемувал бројот на членовите, се знаело точно кој што треба да спроведе, а Македонската револуционерна организација станувала сè поефикасна. Тајноста била зачувана, како во годините пред нејзиното основање во 1893 година, во Солун, така и во подоцнежните десетина години. Дури во годините пред непосредното дигање на Илинденското востание, поробувачите добиле сознанија за постоењето тајна шифрирана комуникација меѓу револуционерите. Но залудно, никогаш не го откриле во целина клучот за нивното откривање и не успеале да го спречат дигањето на Илинденското востание.

Не се знае кој е автор на првата шифра

Историчарот Никола Жежов ни објаснува дека Македонската револуционерна организација имала мошне развиен систем на тајни шифри, на кои се базирало нејзиното делување.

– Уште од првите години, како во периодот пред основањето во 1893 година така и подоцна, македонските револуционери изградиле ефикасен и развиен систем на тајно комуницирање. Била направена посебна шифрирана азбука, со најразлични ознаки за секоја буква во азбуката, со разни знаци, со кои се создавале пораки, се давале инструкции, наредби. Може слободно да се каже дека тоа бил еден мошне добар и функционален систем на пишување, кој одлично ја извршувал својата функција. Револуционерите почнале да се служат со него уште во годините кога ја основале Организацијата, а факт е дека и во годините потоа останал неоткриен. Сето тоа било благодарение на добриот систем и на мерките за заштита. Системот на шифри прво бил направен на централно ниво на Организацијата, а потоа имало и разлики во шифрирањето во пониските нејзини делови. Имало разлики, но, во целина, сите знаеле како треба да се пристапува кон дешифрирањето – објаснува историчарот Никола Жежов за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека тешко може да се каже кој е автор на првата шифрирана азбука што почнале да ја користат македонските револуционери. Во некои записи, какви што се сеќавањата на Ѓорче Петров, е наведено дека првата шифрирана азбука за потребите на Организацијата била составена од Даме Груев. Таа била многу едноставна и наменета за заштита на најважните писма меѓу комитетите. Подоцна, со развојот на мрежата, македонските револуционери правеле и посовршени системи за шифрирана преписка.

Такви шифрирани азбуки, од кои една варијанта се чува во Државниот архив, правел и самиот Гоце Делчев. Во едно писмо од 24 март 1899 година, кое му го испратил на Никола Зогафов, кој ја ширел револуционерната дејност во источниот дел на Македонија, Гоце Делчев му ја испратил и шифрираната азбука.

– Еве ти ја азбуката со која кореспондираме и со која ќе кореспондираш со внатрешните: буквата А се заменува со B, буквата Б со Ѕ, буквата В со Ј… буквата З со M, буквата И со Q, буквата Л со I…  – му порачува Гоце.

А со така шифрирани зборови ја напишал и пораката во која барал Никола Зографов да направи список на оружјето со кое располага Организацијата.

– А ти засега направи го следното: направи еден список на материјалот што е во сопственост на Внатрешната организација, како, на пример, бомби и разни инструменти, прав, разни патрони, револвери и сите пушки вратени од четите за да се знае со што располага Внатрешната организација, без да се обраќа кон овдешниот комитет, и друг еден список на оние материјали што се сопственост и со кои располага овдешниот комитет. Следниот список ќе ти послужи при напаѓањето на материјалите. Првиот ќе ми треба мене за да знам што има Внатрешната организација на свое располагање – порачува Делчев, кој најчесто ги потпишувал своите шифрирани писма со тајното име Ахил.

Револуционерот и војвода од Илинденското востание, Кирил Прличев, син на великанот на македонската книжевност Глигор Прличев, зад себе, исто така, остави „шифрарник“ преку кој комуницирал со шифри со Централниот комитет на Организацијата и со Даме Груев, во периодот од 1895 до 1897 година. Од него се гледа дека буквата А во зборовите се заменувала сo n, буквата Б со L, буквата В со g, додека буквата Г со F, И со d, Л со c…

– Револуционерите користеле најразлични знаци за да ги шифрираат буквите на македонската азбука со кои се составувале зборовите. Користеле латинични букви, интерпункциски знаци, симболи… Така, ако сте сакале да го сфатите значењето на некој збор што бил напишан со комбинација на латинични букви и интерпункциски знаци, требало да го знаете значењето на секој знак одделно и со нивното разбирање, ќе сте го сфателе и значењето на целиот збор и на реченицата – објаснува историчарот Жежов.

Клучот за дешифрирањето цело време останал непознат

Во македонскиот Државен архив се чуваат вкупно 43 оригинални писма на Гоце Делчев, од кои може да се сфати како ги шифрирал и ја заштитувал тајноста. Па така, се гледа дека тој користел замена на букви со други букви или знаци, користел клуч со поместување, при што вредноста на буквите се поместувала за одреден број места во азбуката. Во некои случаи, клучните воени детали (количина на пушки, патрони и позиции) биле пишувани меѓу редовите, со органски течности (најчесто лимонов сок или млеко), кои се појавувале само кога ќе ја загреел примачот хартијата над свеќа. Со писмата, тој го организирал преносот на „солунски патрони“, бомби, „револвери“ и динамит преку границата, во внатрешноста на Македонија, при што постојано инсистирал на омасовување на Организацијата. Во овие писма тој дава строги инструкции дека не смее борбата да биде избрзана, туку систематски подготвена, барал средства за издржување на четите и испраќање весници и револуционерни брошури за подигање на свеста кај населението. Во едно од писмата ја искажува својата длабока загриженост за надворешното мешање во македонското дело.

– Голема надеж ми даваш за „Врховниот“, но да ти кажам ли, брате, тој комитет каков впечаток ми остави, како ми смрзнува крвта од нив… бидејќи јас не само што се сомневам дека ќе помогнат, туку и страхувам да не нанесат поголема штета на делото. Дека таму има луѓе што мислат како нас, лично се уверив, но „рибата смрди од главата“ – наведува во едно шифрирано писмо, мислејќи на мешањето на Врховниот комитет, кој во периодот пред Илинденското востание бил лоциран во бугарската престолнина, Софија.

Системот на шифрирање постојано се усовршувал, при што се одело кон тоа комитетите на Организацијата да имаат свои посебни шифри, сè со цел да не бидат разоткриени структурата и мрежата на целата Организација на територијата на Македонија. Односно, во случај отоманската власт да пресретнела пошта и да ја дешифрирала комуникацијата меѓу Солун и Битола, шифрата за Скопје останувала целосно безбедна и непозната за полицијата. Истовремено со ова, водечките револуционери користеле и псевдоними со кои биле означувани во шифрираните писма. Гоце, овен како Ахил, се означувал и како Султан или Минчо, Даме Груев како Бојан, Дамјан, Јани, Јане Сандански како Пирин-бег или Стариот, Ѓорче Петров како Марко, Густав или Петров, Никола Карев како Апостол… Ваквата тајност и успешното зачувување на шифрите со кои се вршела комуникацијата во ВМРО придонеле за тоа во некои акции на отоманските власти во кои биле апсени македонски револуционери, Организацијата да не доживее големо ослабнување и заплена на засолнетите оружје и муниција. Таков е случајот, на пример, со битолската провала од август 1900 година, позната и како Попставрова афера. Тогаш отоманската полиција, по предавството на еден локален свештеник (поп Ставре) во Битола, успеала да пресретне револуционерна пошта и да уапси неколкумина клучни раководители на Битолскиот окружен комитет. Во нивните домови и кај куририте биле пронајдени голем број писма и документи наменети за Централниот комитет во Солун и за помалите селски комитети. Но, обидите на турските криптографи да ги дешифрираат писмата во кои доминирале математички симболи и геометриски форми и да ги дознаат  имињата на сите членови, локациите на тајните магацини со оружје и плановите за востание – останале безуспешни. Благодарение на заштитните механизми на шифрираните писма и на јунаштвото на уапсените револуционери, кои не ги откриле тајните и покрај свирепото мачење, биле зачувани оружјето и луѓето за дигањето на Илинденското востание.

Во случајот на Солунската афера од 1901 година, кога успеала турската полиција да уапси повеќемина членови на револуционерното раководство на Организацијата, се заканувало разоткривање на шифрите. Тогаш, при претресот на домовите на револуционерите Милан Михајлов и Александар Ников, биле откриени и повеќе шифрирани писма со посебни симболи, при што турската полиција сфатила дека се соочува со сила и со разгранета револуционерна организација. И покрај фактот што некои од уапсените попуштиле при мачењето и го откриле клучот за разбирање на некои пораки и писма, по што имало и други апсења, сепак, главната структура на Организацијата останала неоткриена.

Историчарот Никола Жежов наведува дека сето тоа покажува колку бил добар системот на тајно и шифрирано комуницирање во редовите на македонските револуционери.

– Цело време додека постоела Организацијата, турската полиција практично останала немоќна да ги разоткрие тајните на шифрирањето. Тоа доволно кажува за силината на Организацијата, за нејзината тајност и за делувањето како држава во држава. Клучот за читањето на таквите шифрирани писма е во поседувањето „шифрарници“, од кои се гледа начинот на кој е извршено шифрирањето. Како историчари, ние се имаме запознаено со „шифрарниците“ на одделни револуционери. Јас, на пример, поседувам копија на „шифрарникот“ на револуционерот Ангел Узунов, со кој може да се дешифрираат повеќе писма – објаснува Никола Жежов.

Тој додава дека најголем дел од зачуваните дописи на македонските револуционери досега се дешифрирани. Голем дел е дешифриран од самите преживеани револуционери во постилинденскиот период, а потоа и од страна на историчарите, преку користењето на „шифрарниците“.

Сето тоа само покажало колку била значајна ваквата тајна комуникација за постоењето и за развојот на ВМРО како македонска револуционерна организација. Односно за дигањето на Илинденското востание во 1903 година, кое најсилно го најавило стремежот на македонскиот народ за слобода и чии идеали потоа биле остварени на 2 август 1944 година, со одржувањето на Првото заседание на АСНОМ и со референдумот за самостојност на Република Македонија на 8 септември 1991 година. (Б. Ѓ.

Богески: Трајно сведоштво за македонското револуционерно дело

Директорот на Државниот архив на Македонија, Димитар Богески, вели дека оваа институција во своите фондови чува исклучително вредни оригинални документи поврзани со животот и со револуционерната дејност на Гоце Делчев (Ѓорѓи Николов Делчев).

– Меѓу нив особено место зазема и шифрираната азбука што ја користел во комуникацијата со револуционерните чети. Овој документ претставува сведоштво за начинот на кој била организирана комуникацијата во рамките на македонското револуционерно движење, особено во делот на снабдувањето со оружје, движењето низ населените места и координацијата на активностите на терен. Со употребата на оваа шифрирана азбука, се обезбедувала тајноста на пораките, што укажува на високото ниво на организациска дисциплина и стратешко размислување на револуционерната организација – наведува Богески во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека покрај шифрираната азбука, Државниот архив поседува и 43 оригинални писма на Гоце Делчев (Ѓорѓи Николов Делчев) упатени до негови блиски соработници и револуционерни дејци, меѓу кои началниците на задграничните пунктови, Никола Зографов, Никола Малешевски, Марко Секулички и други.

– Во овие писма се содржани значајни податоци за делувањето на движењето, каналите за пренос на оружје и на литература, како и за координацијата со задграничните претставништва. Овие документи се донесени во Македонија заедно со моштите на Гоце Делчев и подоцна се предадени на чување во Државниот архив од страна на Илинденската организација. Тие денес претставуваат трајно сведоштво за еден значаен период од нашата историја и за личноста на Гоце Делчев како идеолог, организатор и визионер на македонското револуционерно дело. Нашата задача како Архив е овие документи да ги чуваме, публикуваме, заштитиме и да ги направиме достапни за научната јавност и за идните генерации, бидејќи тие се дел од историската меморија на нашиот народ – нагласува Богески.

ИЗДВОЕНИ