среда, јуни 10, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Македонските конфекции добиваат 5 евра за кошула „хуго бос“, европските продавници ја...

Македонските конфекции добиваат 5 евра за кошула „хуго бос“, европските продавници ја продаваат за 40 евра

Намалените нарачки од Германија, силната конкуренција од Азија и зголемените трошоци, ја туркаат текстилната индустрија во длабока криза. Експертите предупредуваат дека без развој на сопствени трговски марки ќе продолжат затворањата на фабрики и губењето работни места. Македонските конфекции заработуваат само мал дел од вредноста на производите што ги изработуваат за светските трговски имиња, додека најголемиот профит останува кај странските нарачатели и трговци. За една деценија, бројот на вработени во текстилниот сектор се намали од 47 илјади на 17 илјади

69

Затворањето фабрики и губењето работни места стануваат сѐ почеста појава во македонските градови каде што текстилната индустрија е еден од главните работодавачи. Во повеќе општини, конфекциите со децении обезбедуваа егзистенција за илјадници семејства, но кризата во секторот сега се продлабочува, а бројот на компании кои ги намалуваат производствените капацитети или целосно престануваат со работа постојано расте. Познавачите на состојбите во индустријата предупредуваат дека иднината на текстилниот сектор е неизвесна доколку не се направат суштински промени во начинот на работа. Според нив, моделот на лон-производство, во кој домашните компании шијат за странски трговски куќи без да имаат сопствен производ на пазарот, станува сѐ помалку одржлив. Тие дури прогнозираат дека голем дел од текстилните компании кои работат исклучиво по овој принцип, во наредните години би можеле да се затворат, а вработените да бидат принудени да бараат работа во други сектори или во странство.

Како единствено долгорочно решение се посочува развојот на сопствени трговски марки и производи со повисока додадена вредност. Според експертите, македонските компании поседуваат знаење, квалитетна работна сила и долгогодишно искуство, но најголемиот дел од заработката останува кај странските нарачатели и трговски синџири.

За илустрација, македонските конфекции кои произведуваат за светски познати трговски марки добиваат само мал дел од конечната цена на производот. Така, за една кошула „хуго бос“, домашната компанија може да наплати околу пет евра, производителот потоа ја продава за околу 20 евра, додека во европските продавници истата достигнува цена и до 40 евра. На тој начин, најголемиот дел од профитот останува надвор од државата, иако производството и трудот се реализираат во Македонија.

Токму затоа, претставниците на секторот сметаат дека е време текстилната индустрија да направи исчекор од улогата на евтин производствен сервис кон создавање препознатливи македонски трговски марки кои ќе можат самостојно да настапуваат на странските пазари и да обезбедат повисоки приходи за компаниите и работниците.

Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи на Македонија и сопственик на конфекцијата АД „Мода“, смета дека намалените нарачки од Германија и засилената конкуренција од земјите од Далечниот Исток се главните причини за кризата што ја погоди домашната текстилна индустрија.

„Има значително намалување на нарачките од Германија, пазар на кој македонските компании со години имаа стабилен и континуиран извоз. Дополнителен проблем е постојаниот пораст на платите и намалената конкурентност на домашните производители во споредба со земјите од Далечниот Исток, како Бангладеш и Виетнам. Таму трошоците за работна сила се многу пониски, што ги прави поконкурентни во однос на европските трговски марки“, вели Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Според него, ваквите услови сериозно го доведуваат во прашање опстанокот на лон-производството, модел по кој со децении функционираше најголемиот дел од македонската текстилна индустрија.

„Тоа значи дека лон-производството, какво што го познававме досега, е осудено на пропаст. Овој модел веќе не може да обезбеди долгорочна одржливост и развој на компаниите“, предупредува Димитров.

Тој додава дека единствен излез за домашните текстилни компании е постепено да се насочат кон производство на сопствени трговски марки и производи со повисока додадена вредност, со што би се задржал поголем дел од заработката во земјата и би се обезбедила подобра перспектива за вработените во секторот.

Димитров потсетува дека со години се предупредува дека лон-производството не може да биде долгорочна стратегија за развој на македонската текстилна индустрија.

„Ние веќе 20 години зборуваме дека лон-производството не е решение и дека мора да се работи на развој на сопствени трговски марки. Вака како што се поставени работите, некој друг заработува на сметка на нашиот труд, знаење и искуство. За жал, само мал број компании успеаја да преминат од лон-производство кон сопствено трговско име“, вели Димитров.

Според него, бројот на македонски текстилни компании кои произведуваат и продаваат сопствени производи е исклучително мал. Најголемиот дел од нив се специјализирани за работна облека за полицијата, армијата, пожарникарските служби, болниците и други институции.

„Само околу пет проценти од компаниите произведуваат сопствен производ, сè друго е лон-производство. Тоа покажува колку секторот е зависен од странските нарачатели и колку малку вредност останува во земјата“, појаснува Димитров.

Дополнителен предизвик за домашните производители, според него, се новите европски регулативи поврзани со користењето зелена енергија, заштитата на животната средина и одржливото производство. Иако овие стандарди се неопходни за модерната индустрија, нивното исполнување бара значителни инвестиции кои многу домашни компании тешко можат да ги обезбедат.

„Новите европски правила само дополнително ќе им олеснат на големите странски трговски имиња да ги пренасочат нарачките кон други пазари или да ни го ограничат пристапот до нивните синџири на снабдување доколку не ги исполниме сите барања“, предупредува тој.

Поради ваквите состојби, во наредниот период се очекува затворање на уште поголем број текстилни фабрики и натамошно намалување на бројот на вработени. Податоците покажуваат дека за една деценија бројот на работници во текстилната индустрија е намален за речиси 60 проценти – од околу 47.000 на само 17.000 вработени.

Според прогнозите на познавачите на секторот, на пазарот ќе успеат да опстанат само компаниите кои изградиле сопствени трговски марки, како и помал број специјализирани фирми кои за странските партнери нудат целосен производствен пакет – од набавка на материјали до финален производ. За останатите, опстанокот ќе биде сè потежок во услови на засилена глобална конкуренција и намалени нарачки од европските пазари.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ