Дуетска поп-песна која ова лето го освои Балканот! „Под ногама“ е, всушност, песна со едноставна мелодија, но публиката веднаш ги прифаќа токму таквите. Песната носи силна порака, зборува за сите неправди, разочарувања и падови кои можат да се надминат само со љубов, надеж, силна волја и автентичен дух
По големиот успех што неодамна го имаа нашата Ана Петановска и српската поп-пејачка Наташа Михајловиќ (поранешната членка на новосадската група „Фрајле“) на медитеранскиот фестивал „Бисер на Јадран 2026“ кој се одржа во Тиват, а каде ја освоија наградата Гран-при за Најдобар фестивалски дует, пристигаат нови убави вести.
Композицијата „Под ногама“, чиј автор е хитмејкерот Григор Копров, (текстот е на Душан Бачиќ, а аранжманот на Стефан Петановски, со соработникот Дејан Апостоловски), ова лето ќе биде дел и од Интернационалната натпреварувачка вечер на 33. издание на „Охрид фест 2026“, кој ќе се одржи на 27 август, на сцената на Долни Сарај. Публиката со нетрпение го очекува тој настап, а тие две, се разбира, се пресреќни што и во Македонија ќе ја пеат таа дуетска песна, за која тие се надеваат дека ќе биде и победничка. А, ние како искусни новинари, еве храбро тоа го прогнозираме. Велат, дека не е затоа што сакаат да се фалат, туку затоа што песната е навистина преубава, хитовска, летна, певлива и дирлива.
Ана Петановска, по тој повод, својата среќа и благодарност ги кажува на свој начин: – Заедно со Наташа, која за многу кусо време ми стана навистина блиска во душата, имавме чест да ја пееме песната и да ја примиме наградата за Најдобар дует на фестивалот во Тиват. Ме воодушевија нејзината храброст, упорност, искреност, комуникација и топлина. Сето тоа за мене беше навистина инспиративно со што заслужено, како дует, доминиравме на фестивалската сцена. „Под ногама“ е, всушност, едноставна мелодија, но публиката токму таквите веднаш ги прифаќа. Песната носи силна порака, зборува за сите неправди, разочарувања и падови кои можат да се надминат со љубов, надеж, силна волја и автентичен дух, вели расположената Петановска.
– Во право е Ана кога вели дека успехот е секогаш во едноставна мелодија која лесно се лепи за ушите на публиката. Се сеќавате дека таква едноставна мелодија напишана од легендарниот Ѓело Јусиќ ја има и песната „Пријатељи стари, где сте“ а, која толку добро ја испеа славната Тереза, инаку мојата долгогодишна миленичка и музичка инспирација. Таа песна стана голем хит, а денес е веќе евергрин. Затоа и велам дека Ана исправно размислува кога кажува за нашата дуетска песна „Под ногама“, вели згодната Наташа Ната.
Оваа русокоса новосаѓанка, која веднаш ќе ја забележите и поради нејзините долги привлечни нозе, а за кои новинарите во Србија велат дека се сигурно без конкуренција, ако ја исклучиме само Снежана Бабиќ-Снеки, многу се радува што ќе дојде на фестивалот во Охрид. Се радува и поради тоа што ќе има можност неколку дена да се дружи со сите свои обожаватели кои сè уште мошне добро ја памтат од она време додека членуваше во познатата новосадска група „Фрајле“. Но, музичките патишта им се разделија, секоја од нив тргна по свој правец и ниту една не е разочарана од тоа. Меѓу нив навистина немаше ни трошка скандали или кавги. Останаа добри пријателки, сограѓанки. Едноставно кажано, Наташа, Јелена и Невена другарски се разделија.
Инаку, за оние што не се упатени, Наташа има трогателна животна приказна. Вели дека одлучила да почне самостојна кариера најмногу поради значаен проект што му го посветува на својот покоен брат. Покрај песните што ги снима, таа држи и панели во повеќе градови чија тема е самоубиство. За жал, братот на Наташа си го одзеде животот пролетта 2004 година. – Брат ми си го одзеде животот додека јас спиев во соседната соба, а кога се разбудив, тој веќе не беше жив. Таквата стравотна загуба целосно ни го смени живот, мојот и на моето семејство.
По големата семејна трагедија, Наташа посетувала психијатар за да може да ја надмине тажната ситуација: – Мојата терапија беше отворено да зборувам за тоа. Постојано зборував за целиот настан како да е некој филм. Тоа што би им порачала на семејствата што загубиле некој свој близок е да си дадат простор за болка и тага, за солзи, без временско ограничување. Кога ќе изгубите некого ненадејно, а замислете, во мојот случај родениот брат, целосно станувате парализирани, дури сакате и времето да застане. А, дури потоа ќе морате со силна волја да се помирите со тоа, дека животот продолжува без саканите, емотивно се присети Ната на тие денови.
Д. МИЌИЌ /Фото: З. Радоњиќ












