Со дела од македонските композитори Властимир Николовски, Бете Илин, Дамјан Темков и Драган Шуплевски, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар одбележува 40 години од постоењето.
Концертот „Звук што расте“, кој се одржа синоќа на „Охридско лето“, донесе младешки елан и истовремено високи креативни вредности на младите уметници на кои допрва им претстои блескава кариера. Диригент на вечерта беше маестро Иван Еминовиќ, а солисти Памела Велкова на виолина и Христијана Матевска на хармоника.
Според маестро Еминовиќ, голема е честа да се соработува со Музичката младина на Македонија, особено за ваков јубилеј.
– Чест е да се работи со овие млади музичари, кои се врвни во својата дејност. Јубилејот ќе биде одбележан со три концертни вечери, во Охрид и во наредните две вечери, во Битола и во Скопје. Ќе одржиме одлични концерти за достојно да го одбележиме овој јубилеј – рече диригентот Еминовиќ, кому ова му е четврта соработка со оркестарот на МММ.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија е основан како прв сегмент на летниот музички камп на МММ во 1986 година, во Охрид, и оттогаш повеќе од 400 млади музичари биле дел од него. Диригенти и уметнички раководители биле Ф. Муратовски, Г. Коруновски. С. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, Б. Чадловска, А. Ремерајт, О. Кондратенко, М. Кац, Џ. Мартиненги, Е. Митревска и И. Еминовиќ.
Веќе 40 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година, оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.
„Звук што расте“ за затворање на „Скопско лето“
Токму оваа година, годинашното 47. издание на фестивалот „Скопско лето“ свечено ќе биде затворено со концертот „Звук што расте“ и со одбележувањето 40 години од Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“.
Концертот ќе се одржи на 30 јули, на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, со почеток во 20:30 часот.
– Во свечената атмосфера на затворањето на 47. „Скопско лето“, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ одбележува значаен јубилеј: 40 години постоење и континуирано музичко творештво. Под диригентската палка на Иван Еминовиќ, концертот носи програма составена од дела на современи македонски композитори, обединувајќи различни музички естетики, авторски пристапи и современи звуковни пејзажи. Јубилејната вечер претставува омаж на домашното музичко творештво и на долгогодишната улога на оркестарот во развојот на македонската музичка сцена – соопштија од Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, организатор на „Скопско лето“.












