Дебитантско долгометражно остварување на Косара Митиќ ја имаше својата регионална премиера во рамките на натпреварувачката програма за долгометражни играни филмови на годинашното 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал, каде што беше поздравено со долг аплауз и со стоечки овации. Позитивни критики за режисерката Митиќ и за актерката Костиќ стигнаа и од „Скрин дејли“. Како што пишува во рецензијата на ова британско филмско онлајн списание, „дебитантката Ева Костиќ импресионира во интензивната драма за сексуален напад“
Македонскиот филм „17“ во режија на Косара Митиќ, кој синоќа ја имаше својата регионална премиера во рамките на натпреварувачката програма за долгометражни играни остварувања на годинашното 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал, ја освои публиката во Народниот театар во Сараево.
На проекцијата пред присутните во салата, како дел од филмската екипа на „17“, меѓу другите, се поклонија и режисерката Митиќ, продуцентот Томи Салковски, како и главните протагонисти во филмот, Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Петар Маниќ, Ана Стојановска.

Како што пренесоа медиумите што известуваат од фестивалот, филмот бил поздравен со долг аплауз и со стоечки овации. Митиќ, на која „17“ ѝ е прво долгометражно остварување, посочила дека се надева дека филмот долго ќе остане со публиката и откако ќе се изгаснат светлата. Како што истакнала, пак, Елма Татарагиќ, селекторката на натпреварувачката програма за долгометражен игран филм на фестивалот, Ева Костиќ, која толкува една од главните улоги во филмот (Сара), е номинирана за наградата „Срцето на Сараево“ за најдобра актерка.
Остварувањето „17“, инспирирано од вистински настан, ја следи Сара, која се обидува да ја скрие својата бременост од своите соученици во текот на својата матурска екскурзија. Филмот е интимна приказна за траумата, тишината, изолацијата, женската солидарност што суптилно ги истражува темите на тинејџерите и на созревањето.
Позитивни критики за режисерката Митиќ и за актерката Костиќ стигнаа и од „Скрин дејли“. Како што пишува во рецензијата на ова британско филмско онлајн списание, „дебитантката Ева Костиќ импресионира во интензивната драма за сексуален напад“.
– На почетокот, крупниот кадар од двајца тинејџери и една девојка што се бакнуваат изгледа како да е со заемна согласност. Сè додека зборовите „биди мирна“, изговорени од едното момче, не направат одеднаш јасно дека, како и да почнала, средбата прераснала во силување. Бескомпромисниот воведен приказ на протагонистката во „17“, Сара (Ева Костиќ), го поставува тонот за импресивно контролираното и интензивно деби на Косара Митиќ, кое го истакнува тивкото страдање на многу млади жени фатени во мрежата на нездравата групна динамика и срамот – се истакнува во рецензијата.

Се додава и дека Костиќ е извонредно сигурна за актерка што игра првпат, дозволувајќи тежината на ситуацијата постепено да се смири врз нејзиниот лик пред да ги прикаже емоционалната и физичката болка на Сара.
– Митиќ, во меѓувреме, го користи времето со прецизност на швајцарски часовник, додека часовникот почнува да отчукува за Сара, дозволувајќи срцепарателниот интензитет на важните сцени да се одвива без пауза“.
Како што е познато, неодамна филмот ја освои наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм на 43. издание на Филмскиот фестивал во Ерусалим, а својата светска премиера ја имаше во рамките на селекцијата „Перспективи“ на годинашниот 76. Берлински филмски фестивал.
Другите улоги во филмот ги толкуваат: Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Симеон Дамевски. Режисерката Митиќ го потпишува сценариото на „17“ заедно со хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф е Жаклина Крстевска, а монтажер – Владимир Павловски.
Филмот „17“, во продукција на „Црна мачка“, е македонско-српско-словенечка копродукција.

Продуцентот Томи Салковски рече дека филмот досега бил прикажан на седум фестивали, каде што освоил пет награди, додека домашната премиера допрва следува.
Инаку, „17“ и уште еден македонски филм – „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, како и македонската малцинска копродукција „Срам и пари“ во режија на Висар Морина, се прикажуваат во главната натпреварувачка програма за долгометражен игран филм во Сараево и се борат за престижната награда „Срцето на Сараево“. (Н. И. Т.)
Фото: Сараевски филмски фестивал












