Со свечена церемонија, настап на македонски пијанист со светско реноме Симон Трпчески, како и во присуство на гости и личности од јавниот, културниот и политичкиот живот на нашата држава, Македонската филхармонија вечерва го прославува својот голем јубилеј – 80 години постоење.
Одбележувањето на 80-годишниот јубилеј започна во 19:30 часот, во фоајето на Филхармонијата, со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“ и изведба на три композиции од основоположниците на оркестарот на Македонска филхармонија – Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев.
Фото: Ѕ.Плавевски
Публиката имаше можност да ги чуе „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр.2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот диригираше Јасмина Ѓорѓеска–Каро.
Во фоајето е поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Македонската филхармонија и нејзините најзначајни моменти.
За осумдесет години од формирањето, оркестарот на Македонската филхармонија го изведува концертот „80 години – Љубов“ на којшто како солист им се придружува нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески.
На програмата е светска премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр.1 – „Титан“ од Густав Малер, а концертот го води шеф-диригентот на Македонска филхармонија – маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Пред концертот членовите на оркестарот на Македонската филхармонија влегоа во салата откако публиката беше седната на своите места. Беа поздравени со долг повеќеминутен аплауз од присутните.
Свечениот концерт преку директен пренос на МРТ може да го проследи и пошироката јавност.
Инаку, првиот Оркестар е формиран на 24 ноември во 1944 година, по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје.