Во рамките на „Бејоглу филмските денови“ во Истанбул, Македонскиот културно-информативен центар и Кинотеката на Македонија ги претставија пред турската публика дигитално реставрираните филмови на легендарните браќа Манаки – пионерите на балканската и македонската кинематографија.
Под наслов „Филмови на браќата Манаки“, публиката имаше можност да проследи автентични документарни снимки создадени во периодот од 1905 до 1918 година, кои претставуваат непроценливо визуелно сведоштво за животот, културата и историските случувања на почетокот од 20 век. Истовремено, и да се доближи до самите почетоци на филмската уметност во Македонија.
Во филмскиот опус на Милтон и Јанаки Манаки се забележани сцени од секојдневниот живот, народни танци, верски ритуали, панаѓури и важни историски настани, меѓу кои и Младотурската револуција (Хуриет), како и посетите на султанот Мехмед Петти Решад во османлиска Македонија.
Учеството на Македонија на „Бејоглу филмските денови“ претставува значајна можност за меѓународна промоција на македонското културно и филмско наследство. Настанот се реализира и во духот на одбележувањето на значајниот јубилеј – 50 години Кинотека на Македонија, институција што веќе половина век континуирано ја чува, реставрира и промовира македонската филмска меморија, враќајќи ги подвижните слики таму каде што најсилно живеат – пред публиката. На проекцијата ќе биде прикажана дигитално реставрираната верзија на филмовите, реализирана во соработка помеѓу Кинотеката на Македонија и филмска лабораторија во Будимпешта, со што ова значајно филмско наследство е зачувано и достапно за новите генерации.
На почетокот од настанот, пред присутните се обратија директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, и директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски.












