Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“, утревечер (15 мај), од 20.00 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии „Маркукуле – живо” од Ивана Темелкоска. Ова е нејзина прва самостојна изложба, поддржана од Министерството за култура и туризам.

„Маркукуле –  живо“ претставува фотографски запис на еден ист простор низ различни времиња, состојби и атмосфери, создаден како процес на долгорочно и внимателно набљудување.

– Постојат места што ги носиме во видното поле толку долго што, на крајот, престануваме да ги гледаме. Маркукуле е токму такво место –  рид длабоко всаден во секојдневието на Прилеп, толку познат, толку секогаш присутен, па затоа и речиси невидлив. Ивана Темелкоска го врати погледот кон него –  и со тоа, и нашиот. Фотографската серија „Маркукуле – живо” се роди во една ретко плодна тишина: онаа на пандемискиот карантин. Во времето кога светот се стесни на четири ѕида, кога единствената врска со надворешноста стана прозорецот, Темелкоска го насочи објективот кон она што се гледаше низ прозорецот. Истиот рид. Секој ден. Фотографирано со трпение, со будност, со она особено внимание кое може да произлезе само од такви ситуации, кога бараме излез, спас од грдото пандемиско секојдневие. Резултатот е визуелен дневник со готово медитативен карактер… вели меѓу другото Драги Неделчевски.

Темелкоска (1989) е дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, но веќе осум години професионално работи како графички дизајнер во агенција за дигитален маркетинг.

ИЗДВОЕНИ