Останува помалку од еден месец до почетокот на двеаесттите Медитерански игри – Таранто 2026, а подготовките на македонската делегација влегуваат во завршна фаза. Од 21 август до 3 септември, македонските спортисти ќе бидат дел од едно од најголемите мултиспортски натпреварувања, каде што е се натпреваруваат со најдобрите спортисти од земјите учеснички.

Македонија годинава ќе настапи со најбројната делегација во својата историја на Медитеранските игри. Делегацијата ќе брои околу 130 учесници, а македонските претставници ќе се натпреваруваат во 19 спорта, што претставува уште една потврда за континуираниот развој на македонскиот спорт и за неговото сè поголемо присуство на големите меѓународни натпреварувања.

Особено внимание привлекува настапот во четири екипни спортови. Македонија ќе настапи со женската одбојкарска и женската ракометна репрезентација, машката фудбалска репрезентација, како и со машката репрезентација во баскет 3х3. Ваквиот број екипни селекции е уште еден показател за напредокот на националниот спорт и создава дополнителни очекувања за успешен настап во Таранто.

Во изминатиот период, спортистите ги реализираа последните подготовки за Игрите, работејќи интензивно со своите тренери и стручни тимови на физичката, техничката и тактичката подготвеност. Медитеранските игри претставуваат можност за потврда на нивниот квалитет, но и шанса за стекнување драгоцено меѓународно искуство и за остварување врвни резултати.

Во пресрет на почетокот на натпреварувањата, фокусот останува на максималната подготовка и на поддршката на македонските спортисти, кои ќе ги бранат боите на државата и ќе ги промовираат олимписките вредности, ферплејот и спортскиот дух на меѓународната сцена.

Од Македонскиот олимписки комитет најавуваат дека и во наредниот период јавноста редовно ќе биде информирана за составот на делегацијата, распоредот на настапите и за сите најважни случувања поврзани со учеството на Македонија на дваесеттите Медитерански игри – Таранто 2026, преку медиумите и официјалните социјални мрежи.

ИЗДВОЕНИ