МНР започна јавна набавка по брза постапка
Македонија започна итна постапка за организација на чартер-летови за евакуација на своите државјани од Блискиот Исток, откако стотици граѓани побараа информации и помош поради влошената безбедносна состојба во регионот. Со одлука на Владата, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија спроведува јавна набавка по скратена постапка, за што се предвидени околу 60 милиони денари од буџетот, односно речиси еден милион евра. Надлежните уверуваат дека активностите се одвиваат координирано и дека безбедноста на македонските граѓани останува врвен приоритет.
Според последните информации, најголем број пријавени за евакуација има во Обединетите Арапски Емирати и Катар, додека дел од државјаните веќе се евакуирани од Израел преку организирани летови или со сопствени средства. Во тек е финализирање на техничките и логистичките подготовки за евентуални чартер-летови, во зависност од бројот на пријавени и развојот на безбедносната состојба.
-Безбедноста на македонските граѓани е највисок приоритет на Владата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и понатаму пристапува одговорно, координирано и темелно во спроведувањето на сите активности поврзани со евакуацијата на граѓаните од погодените подрачја. Во таа насока, ја информираме јавноста дека, согласно заклучок на Владата, е започната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови со цел обезбедување безбедна евакуација. Имајќи ја предвид итноста и фактот дека безбедносната состојба тековно се менува, постапката ќе се спроведе согласно Законот за јавни набавки, со примена на скратени рокови предвидени за вакви ситуации. За реализација на оваа услуга се предвидени средства во износ до 60 милиони денари, обезбедени во Буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во зависност од конечниот број на пријавени македонски државјани и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат, можно е да биде искористен само дел од предвидениот износ, соопштија од македонското министерство за надворешни работи.
Владиниот авион денеска ќе лета од Египет до Скопје
Претходно, од минстерството информираа дека заклучно со денеска, вкупно 632 македонски државјани побарале информации за евакуација од погодените региони на Блискиот Исток. Од нив, 136 лица се пријавени во Доха, додека бројката во Абу Даби континуирано се зголемува и во моментот изнесува 477 лица.
Во однос на македонските државјани во Израел, бројката останува непроменета. За дел од нив, вкупно 6 лица, со посредство на Министерството е завршена евакуацијата и тие одлучиле на сопствен трошок со комерцијални летови да заминат кон Скопје.
Како што соопштија од МНР, останатите шест лица, кои изразиле подготвеност за евакуација, во текот на денот треба да бидат транспортирани по копнен пат од Израел во Египет, со асистенција на дипломатско-конзуларните претставништва. Според планот, тие ќе бидат сместени на безбедна локација, во хотел на товар на државата, а се очекува во текот на утрешниот ден, со владиниот авион, безбедно да полетаат кон Скопје.
-Во делот на македонските државјани во Обединетите Арапски Емирати и Катар, дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби, во координација со надлежните институции, е во фаза на финализирање на техничките и логистичките детали за организација на чартер-летови. Целта на Министерството е, во координација со властите во Обединетите Арапски Емирати и Катар, да обезбеди неколку чартер-летови за евакуација на пријавените лица. Истовремено, нашите дкп-а прават и посебен план за евакуација на граѓаните кои се во Бахраин и Кувајт, соопштија од македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Оттаму посочуваат дека министерството останува во постојан контакт и целосно на располагање на македонските граѓани, како и во редовна координација со надлежните локални власти, со цел безбедно и навремено спроведување на евакуацијата. Министерството уште еднаш апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони (Обединетите Арапаски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт), доколку сè уште не го сториле тоа, веднаш да контактираат со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или со СОС бројот на Министерството.
Дубаи функционира нормално – нема ограничувања
Додека институциите ги подготвуваат можните сценарија за евакуација, дел од македонските државјани кои живеат и работат во регионот велат дека состојбата засега е стабилна. Македонецот Марио Јовановски, кој живее во Дубаи, во изјава за венсикот ВЕЧЕР вели дека во центарот на градот каде што тој престојува состојбата е стабилна и не се слушаат воопшто експлозии од пресретнатите проектили, како што беше случајот за викендот. Во одредени области, особено накај Абу Даби е пријавено дека се слушале пофреквентни и погласни експлозии.
-Нема некаква лимити во однос на движење, полициски часови и слично – градот функционира добро, луѓе одат на работа, на плажа… Рестораните и кафичите работат, како и големите трговски центри непрекинато. Завчера претседателот на Емиратите беше на кафе/вечера во најголемиот трговски центар тука – Dubai Mall, вчера беше на ифтар на отворено, што дополнително ја утврдува позицијата дека е генерално стабилно, особено во споредба со другите држави од регионот. Туристите се во деликатна ситуација, поради тоа што им се одложени летовите и мораат да го продолжат својот престој. Има најави дека дополнителниот престој кој ќе го платат, ќе биде рефундиран од државата или воопшто ненаплатен (затоа што самите хотели ќе наплатат директно од државата), но за ова немам точна информација, вели Јовановски.
Тој вели дека засега не планира да се евакуира, затоа што смета дека е доволно безбедно.
-Во однос на евакуацијата, слушнав дека одредени луѓе од Македонија биле контактирани од страна на амбасадата – ние лично сеуште не сме и како што сфатив ова е чекор превентивен во случај да биде потребна евакуација или се даде зелено светло дека е изводлива евакуација со помош од државата, оние кои сакаат да се евакуираат. Од моето разбирање до сега, сеуште нема најава кога би се случило тоа. Ние засега нема да се евакуираме, затоа што сметаме дека е доволно безбедно. Засега има лимитирани летови кои полетуваат од Емиратите, некои и се откажуваат – тоа се апдејтира на дневна основа и мислам дека никој не може да знае за повеќе денови однапред како ќе биде ситуацијата во однос на летовите. Од она што знам дека приоритет се заглавените туристи да се пренесат назад во своите држави, па потоа оние на кои летовите им беа откажани, па потоа сите други, вели Марио Јовановски, Македонец кој работи во Дубаи, во изјава за весникот ВЕЧЕР. (В.С.Н.)
Македонски државјани евакуирани од Израел со „Ер Србија“
Неколку македонски државјани, заедно со државјани на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска, кои беа евакуирани од Израел, ноќта вторник кон среда, околу два часот по полноќ, пристигнаа во Белград со специјален лет на „Ер Србија“ од Шарм ел Шеик, организиран од Владата на Србија и Министерството за надворешни работи.
Специјалниот лет, кој тргна од Белград во вторникот околу 17 часот, пристигна во Шарм Ел Шеик околу 21 часот по локално време, и се врати со 67 граѓани на Србија евакуирани од Израел, меѓу кои и мали деца, јави РТС. Првично било организирано преминување по копно на египетската граница, односно превоз до аеродромот во египетско одморалиште.
Државниот секретар во српското Министерство за надворешни работи, Дамјан Јовиќ, кој беше испратен во Египет за координирање на акцијата, вели дека покрај фактот дека станува збор за хуманитарно прашање, тоа е и пораката што Србија сака да ја испрати дека сака „најдобри и најблиски односи исполнети со солидарност со нашите соседни земји“, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина.












