Македонската ракометна федерација (РФМ), заедно со федерациите на Србија и Словенија, интензивно работи на финализирање на деталите за заедничка кандидатура за организација на Европското првенство за мажи во 2034 година.

Информацијата ја обелодени првиот човек на Српската ракометна федерација Божидар Ѓурковиќ, кој откри дека претставниците на трите федерации, досега одржале три состаноци и дека начелно е постигнат договор околу моделот според кој би се организирал шампионатот.

Според планот, Македонија, Србија и Словенија би биле рамноправни домаќини во првата фаза, при што во секоја од трите земји би се играле по две групи, додека завршниот викенд би се одржал во Србија.

-Во претходните денови имавме три средби со претставниците на Македонија и Словенија, во основа се договоривме за сè. Договорот е Европското првенство да се одржи во три земји, во секоја да се играат по две групи и Србија да биде домаќин на финалниот викенд. Искрено, имаме голема шанса да го добиеме домаќинот, сите три земји имаат организациски можности, па верувам дека ќе биде добро, откри Ѓурковиќ

Доколку кандидатурата биде прифатена, љубителите на ракометот во Македонија  би имале можност да ги гледаат најдобрите европски репрезентации, како и нашата земја повторно да биде дел од голем меѓународен спортски настан.

Засега е познато и каде ќе се одржат следните европски првенства. Првенството во 2028 година ќе го организираат Португалија, Шпанија и Швајцарија, додека две години подоцна домаќини ќе бидат Чешка, Данска и Полска. Европското првенство во 2032 година треба да се одржи во Германија и Франција.

Кандидатурата на Србија, Македонија и Словенија ќе претставува заеднички проект на трите земји, а конечната одлука за домаќинот ќе биде донесена во наредниот период.

Македонија веќе енаш беше домаќин на Европско првенство во ракомет, но во женска конкуренција, во 2008 година, на кое го освоиме седмото место, а шампион стана Норвешка.

ИЗДВОЕНИ