Босанскиот портал „Спортспорт.ба“ го привлече вниманието на спортската јавност во нашата земја со информацијата дека во европските фудбалски кругови сè повеќе се зборува за можна заедничка кандидатура на балканските земји за домаќинство на Европското првенство во 2036 година.
Според шпекулациите што се појавија во последните месеци, домаќини би можеле да бидат Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Македонија и Албанија.
Таквиот модел би овозможил организирање на големо натпреварување во дури шест земји во регионот, првпат во историјата.
Доколку УЕФА прифати таква кандидатура, сите шест домаќини автоматски би обезбедиле место на завршниот турнир. Ова би значело дека шест репрезентации веќе би имале резервирано место на ЕП 2036.
Во исто време, сè повеќе се зборува и за можно проширување на Европското првенство од сегашните 24 на 32 репрезентации.
Гореспоменатиот формат постоеше на Светското првенство од 1998 до 2022 година, а УЕФА на тој начин дополнително би го зголемила бројот на учесници и пазарната вредност на натпреварувањето.
Според едно од дискутираните сценарија, квалификациите би биле организирани во 12 групи од по четири репрезентации. Првите две селекции од секоја група би се квалификувале директно за ЕП 2036, што би го зголемило вкупниот број учесници преку квалификациите на 24.
Доколку на ова се додадат шест домаќини, бројот на учесници би се зголемил на 30 екипи, додека останатите две места би биле пополнети преку Лигата на нации на УЕФА.
Според оваа идеја, екипите кои не успеале да се квалификуваат преку квалификациите би добиле уште една шанса преку плејофот на Лигата на нации.
Плејофот би бил поделен на два посебни турнири со по четири репрезентации. Би се играло полуфинале и финале, при што победниците од двата турнира би ги обезбедиле последните два билети за Европското првенство.
Таквиот систем значително би го намалил бројот на натпревари во квалификациите, но во исто време би ја одржал неизвесноста до самиот крај преку завршните турнири на Лигата на нации.
Засега, ова се шпекулации и можни модели што се разгледуваат во европскиот фудбал.
УЕФА сè уште не донела одлука за домаќинот на ЕУРО 2036, ниту за евентуалното проширување на турнирот на 32 екипи.
Сепак, доколку Балканот навистина ја добие организацијата на првенството, регионот би можел да стане домаќин на еден од најголемите спортски настани во својата историја, а дури шест репрезентации од овој дел од Европа би имале загарантирано место на завршниот турнир.
За потсетување, ЕП 2028 ќе се одржи во Велика Британија и Република Ирска, а ЕП 2032 во Италија и Турција. Претходното ЕП во 2024 година се одржа во Германија.












