Пензионерите кои веќе не сакаат да ги примаат пензиите преку Алта банка се соочуваат со административен проблем при обидот да ги префрлат своите примања во друга банка. Иако имаат право самостојно да изберат каде ќе ја добиваат пензијата, во моментов, процедурата се покажува како тешко остварлива во практиката.

Дел од пензионерите кои се обратиле во други банки за отворање сметка и префрлање на пензијата велат дека од нив било побарано да достават потврда за одјава од Алта банка. Проблемот е што шалтерите на банката се затворени, па пензионерите не знаат каде и како да ја завршат потребната процедура.

Весникот ВЕЧЕР побара одговор од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, од каде што појаснуваат дека немаат надлежност да одлучуваат во која банка ќе ја прима пензијата еден пензионер, ниту да ја менуваат неговата банкарска сметка. Од Фондот велат дека пензионерите ја регулираат промената на банката индивидуално, со одјава од постојната и пријава во новата банка.

– Фондот на ПИОМ, кога ги издава решенијата за стекнување на право на користење на пензија, на корисниците им издава потврда која служи лицето да се пријави кај избраниот носител на платен промет (банка) каде што Фондот ќе ја врши исплатата на пензијата по донесувањето на решението со кое се признава правото на пензија. Потоа, секој месец банките доставуваат до Фондот список со трансакциски сметки на пензионерите кои примаат пензија кај нив и Фондот ја врши исплатата – изјавија од ПИОМ за весникот ВЕЧЕР.

Оттаму појаснуваат дека за промена на банката, пензионерот треба да се одјави во банката каде што ја прима пензијата. Откако ќе се одјави во банката, може да оди во која сака банка за да продолжи таму да ја прима пензијата. Притоа може да  достави нова потврда што ја издава Фондот, а во која е содржан пензискиот број на пензионерот.

– Целата процедура на бирање на банка во која се прима пензијата, односно нејзино менување, се одвива индивидуално и одјавувањето од, односно пријавувањето во банката каде што пензионерот ја прима пензијата, не зависи од Фондот – велат од ПИОМ.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ