Тој освои златен медал на индивидуалниот натпревар „Математика без граници“, прво место – Победник на Купот, Математичка ѕвезда на турнирот, апсолутен победник на Купот на градоначалникот на Несебар, сребрен медал на меѓународниот натпревар по алгебра „Лудовико Ферари“ и бронзен екипен медал

Математичкиот гениј од Тетово, Македон Димитровски, приреди вистинска сензација во Несебар, Бугарија, на финалето на меѓународниот математички натпревар „Математика без граници“ и беше меѓу најуспешните натпреварувачи на целиот турнир.
Момчето со вонсериски талент, на кој се гордее цела Македонија, овој пат од соседна Бугарија се врати со шест медали.
Тој освои златен медал на индивидуалниот натпревар „Математика без граници“, прво место – Победник на Купот, Математичка ѕвезда на турнирот, апсолутен победник на Купот на градоначалникот на Несебар, сребрен медал на меѓународниот натпревар по алгебра „Лудовико Ферари“ и бронзен екипен медал.
Неговиот татко, Владимир Димитровски, сподели повеќе детали за неговиот успех на „Фејсбук“.
– Постојат моменти кога едно дете не победува само за себе – туку ја прави горда цела држава. Во Несебар, Бугарија, на меѓународен математички натпревар „Математика без граници“, Македон Димитровски приреди вистинска сензација и беше меѓу најуспешните натпреварувачи на целиот турнир – напиша таткото Владимир.
Тој додава дека овие резултати не се случајност, туку се плод на огромна љубов кон математиката, безброј часови работа, истрајност и желба секој ден да се биде подобар од вчера.
– Додека многумина сонуваат за големи успеси, Македон ги претвора соништата во реалност. Нека ова биде потсетник дека Македонија има млади таленти кои можат да бидат најдобри во светот. Наша обврска е да ги поддржиме, затоа што тие се најубавите амбасадори на нашата држава – нагласи Владимир, честитајќи му на својот син за успехот со зборовите: „Продолжи да ги рушиш границите и да ја испишуваш историјата. Цела Македонија е горда на тебе“.












