вторник, ноември 24, 2026
Дома МАГАЗИН „Мајкрософт“ прогласи највисоко ниво на тревога

„Мајкрософт“ прогласи највисоко ниво на тревога

0

„Мајкрософт“ го прогласи своето највисоко ниво на итност, наречено „Црвен код“ (Code Red), по големиот прекин во работата на услугите на почетокот на ноември, кој траеше повеќе од 24 часа и ги погоди корисниците ширум светот. Според интерните документи во кои увид имаше агенцијата „Ројтерс“ (Reuters), компанијата воведе итни промени во начинот на кој ги спречува и решава техничките проблеми.

Прекинот на 12 и 13 ноември влијаеше врз „Аутлук“, „Тимс“, „Копилот“ (Outlook, Teams, Copilot) и други услуги во рамките на „Мајкрософт 365“ (Microsoft 365). Проблемите зафатија владини институции во земји како Австралија, Јапонија и САД, го забавија работењето на финансиските институции и ја попречија комуникацијата кај авиокомпаниите.

Откриена причината за големиот прекин

„Мајкрософт“ утврди дека проблемите биле предизвикани од софтверска грешка (баг) внесена уште во јули, која со месеци останала незабележана. При големо оптоварување, оваа грешка довела до преоптоварување на системите, поради што тие престанале да одговараат на барањата на корисниците.

Компанијата ја отфрли можноста прекинот да бил предизвикан од сајбер-напад или од дејствување на вештачка интелигенција. Извршниот директор Сатја Надела јавно се извини за инцидентот.

Според интерните документи, по инцидентот „Мајкрософт“ воведе итни мерки за отстранување на слабостите во своите системи и во протоколите за реагирање при дефекти. Целта на компанијата е да обезбеди секој иден глобален прекин да може да се реши во рок од еден час.

Планот се фокусира на пет области за подобрување, вклучувајќи ја дистрибуцијата на оптоварувањето, одвојувањето на сообраќајот според географски региони и побрзо обновување на услугите. „Мајкрософт“, исто така, планира да користи вештачка интелигенција за да им помогне на инженерите побрзо да ги идентификуваат основните причини за проблемите.

Инженерите размениле 11.000 пораки

Интерната анализа откри и сериозни проблеми во координацијата за време на прекинот. Инженерите размениле повеќе од 11.000 пораки во 11 различни разговори на платформата Teams, додека податоците потребни за дијагностицирање на дефектите биле расфрлани низ различни системи.

„Мајкрософт“ исто така призна дека се потребни пет до шест дена за глобално спроведување на одредени итни поправки. Целта е овој процес да се скрати на само еден час, особено кога станува збор за критични безбедносни прашања.

Од компанијата наведоа дека нивната работа не завршува со обновувањето на услугите; напротив, тие продолжуваат да се фокусираат на отстранување на основните причини и спречување на идни прекини. Раководството секојдневно ќе ја следи имплементацијата на овие мерки, а компанијата нагласува дека доверливоста на системот сега е нејзин главен приоритет.

ИЗДВОЕНИ