Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека ситуацијата на рускиот пазар на нафтени деривати моментално е тешка, како и дека се неизбежни мерки за одговор на украинските напади врз енергетските постројки.
„Моменталната состојба на пазарот на нафтени деривати останува тешка. Во таа смисла, би сакал да им укажам на моите колеги на потребата и понатаму навремено да се реагира на рамнотежата меѓу понудата и побарувачката на гориво низ Русија. Гледаме дека режимот во Киев продолжува со нападите врз нашите рафинерии“, рече Путин на состанокот на Комисијата за стратешки развој на горивно-енергетскиот комплекс и еколошка безбедност, пренесува „РИА Новости“.
Путин истакна дека цените на бензинот во повеќето руски региони се стабилизирале откако го достигнаа својот врв на почетокот на октомври, како и дека на домашниот пазар на гориво се одржува стабилност.
Тој додаде дека ескалацијата на нападите врз енергетската инфраструктура, започната од Украина на почетокот на јуни, не може да ѝ нанесе критична штета на руската економија. Исто така, наведе дека Украина продолжува со обидите за напад врз руските рафинерии за нафта, и покрај директниот повик од американскиот претседател Доналд Трамп да се прекинат таквите дејствија.
„Гледаме дека режимот во Киев продолжува со нападите врз нашите преработувачки капацитети. Инаку, и покрај повикот и директното барање од американскиот претседател да се воздржат од овие напади, властите во Киев не ги земаат предвид таквите совети“, заклучи Путин. Зборувајќи за состојбата на меѓународниот енергетски пазар, Путин изјави дека „и покрај сложената геополитичка ситуација, руските компании заземаат водечки позиции на глобалните енергетски пазари“.
Според него, ограничувањата на извозот на руски енергетски ресурси во Европа имаат сериозни последици за самите Европејци.
„Гледаме постојани обиди да се ограничи извозот на (руски) енергетски ресурси во Европа. Тоа сум го истакнал многу пати, а сега е сосема очигледно дека таквите потези имаат сериозни последици – првенствено за самите Европејци. Тие ќе имаат помалку од нашата нафта и гас, а повеќе проблеми“, оцени Путин.
Путин најави дека Русија ќе ги прошири своите енергетски пазари. „Што се однесува до нас, ние ќе ги прошириме нашите пазари за продажба и ќе соработуваме со предвидливи, одговорни партнери. Во таа насока, мораме да продолжиме со сеопфатен развој на нови правци за снабдување со енергенси, вклучително и зајакнување на Трансарктичкиот транспортен коридор, со неговиот главен сегмент – Северниот морски пат“, изјави Путин.












