Победникот на унгарските избори, лидерот на партијата „Тиса“, Петер Маѓар, денес изјави дека неговата влада ќе ги суспендира вестите на јавните државни медиуми сè додека, како што рече, не се обезбеди „непристрасно известување“, објави „Ројтерс“.
Маѓар рече дека ќе преземе мерки за суспендирање на државната телевизија и радио за да ја спречи „пропагандата“ на „Фидес“, објави „Гардијан“.
Тој рече, како што објави британскиот весник, дека ќе „ја запре пропагандата финансирана од државата“.
„Гардијан“ додава дека Маѓар „ги исмејувал новинарите на државните медиуми“ и дека тие „не можеле да го следат“ за време на кампањата.
Тој вели дека „една од првите мерки ќе биде да се запре емитувањето вести на јавната телевизија и радио“, а новата администрација ќе се обиде да формира „комитет за обезбедување независност на државните медиуми“, повикувајќи се на искуството на британскиот јавен сервис „Би-би-си“ „или на некој друг начин“, објавува „Гардијан“.
Претходно денес, тој изјави дека првите чекори на идната унгарска влада ќе бидат мерки против корупцијата, пристапувањето на Унгарија кон Европското јавно обвинителство и формирањето на Национална канцеларија за враќање и заштита на средства.
Унгарската партија „Тиса“ постигна убедлива победа на изборите во недела, а резултатите објавени од Националната изборна комисија (VTR) покажуваат дека освоила 138 од 199 места во парламентот, додека партијата „Фидес“ на премиерот во заминување Виктор Орбан освоила 55 места.












