
Поранешниот клучен сојузник на Вашингтон во борбата против режимот во Каракас, лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, која во јануари му ја даде својата Нобелова награда за мир на Трамп, сега се соочи со тоа што американската влада ја спречува да се врати во татковината. Пресвртот доаѓа во време кога Венецуела се справува со последиците од катастрофалниот земјотрес, а Мачадо, добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, ги обвинува властите за попречување на испораката на помош, пишува „Дојче веле“
Таа со месеци го планирала своето враќање во Венецуела, а видела можност по катастрофалниот земјотрес. Таа тврдеше дека имала намера да лета за Венецуела од Панама, но владата во Каракас наводно ѝ се заканила на авиокомпанијата со забрана за слетување ако таа биде во авионот. Сепак, „Волстрит џурнал“ откри на почетокот на јули дека Мачадо се обидела да ги напушти САД со приватен авион неколку дена претходно за да патува до островот Курачао, од каде што во Венецуела би влегла со брод. Но, над Северна Каролина, авионот добил наредба од Вашингтон да се врати. Американскиот Стејт департмент ја објаснил оваа одлука со „грижата“ политичките конфликти да не го искомпликуваат дополнително давањето помош на загрозените. Овој настан е особено значаен бидејќи конзервативната политичарка со години е позната како најважен сојузник на Вашингтон, особено за време на администрацијата на Доналд Трамп. Либералниот „Њујорк тајмс“ затоа заклучува дека ова е „отворен раскол“ меѓу Мачадо и администрацијата на Трамп. Фил Гансон од Меѓународната кризна група верува дека Вашингтон веќе не ја гледа Мачадо како клучна фигура за транзицијата.
– Таа навистина беше клучна за победата на опозицијата во 2024 година. Не, таа не е преговарач. Таа долго време се бори да постигне договор, дури и со луѓе од нејзините редови, изјави Гансон за ДВ.
Се чини дека Белата куќа веќе не верува дека Марија Корина Мачадо треба да стане претседател на Венецуела што е можно поскоро. Доналд Трамп покажа и претходно дека демократизацијата на другите земји му е помалку важна од американските интереси. Приоритетите на американската влада сега се чини дека се стабилизирање на односите, реставрација и помирување, и само после тоа може да се размислува за избори. Со други зборови, фокусот е на нафтата и суровините на Венецуела, инвестициските можности за американските компании и слабеењето на кинеското влијание на континентот. Настаните од последните неколку дена укажуваат не само на дивергенцијата на интересите меѓу Вашингтон и венецуелската опозиција, туку и на несогласувања во самата администрација на Трамп. Постојат индиции за различни ставови во владата. Додека некои членови од кругот на Трамп ја обвинуваат Мачадо за политички опортунизам, државниот секретар Марко Рубио, како што пишува „Волстрит џурнал“, покажа поголемо разбирање за нејзината желба да се врати. Ова не е изненадувачки со оглед на тоа што Рубио долго време се залага за демократизација на Венецуела и Куба, татковината на неговите родители. Дописникот на Би-би-си, Том Бејтман, верува дека Рубио, веројатно со око свртено кон евентуална претседателска кандидатура во 2028 година, се обидува да го зачува имиџот на политичар кој се залага за владеење на правото.
Во меѓувреме, Мачадо е решена да се врати во Венецуела и се чини дека е подготвена да се соочи со Вашингтон.
– Неколкупати ѝ рекоа: „Твоето време сè уште не е дојдено“. Но, таа, едноставно, не сакаше да ја прифати таа порака. Таа сè уште се држи до својот план и сака да се врати по секоја цена, вели Гансон.











