Министерството за финансии изврши трансфер на нови 148,6 милиони денари или 2,4 милиони евра кон Развојната банка, средства наменети за поддршка на инвестиции во домашните компании.
Со последниот трансфер од централниот буџет кон Развојната банка, вкупната сума пласирана во домашната економија за реализација на инвестиции од страна на компаниите изнесува 14,5 милијарди денари или 235,8 милиони евра.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра.
Средствата што ги обезбеди Владата и се пласираат кон домашните компании по поволни услови се во насока на реализација на приватни инвестиции, кои ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот пораст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95 % годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс-период до 3 години.












