Форест Сити беше замислен како луксузен град за 700.000 луѓе. Но, наместо тоа, изграден на вештачки остров покрај брегот на Малезија, денес е речиси празен, со десетици невселени облакодери, напуштени улици и станови што собираат прашина со години. Речиси напуштениот комплекс стана погодно место за организирање интернет-измами, скриено зад фасадата на луксузна станбена зона.
Во 2016 година, кога го претставија кинеските инвеститори проектот „Форест сити“, вреден 100 милијарди долари, пред јавноста, беше опишан како „рај за целото човештво“. Требаше да се изградат луксузен град со хотел од висока класа, терен за голф, воден парк и модерни станови и канцеларии на вештачки остров со површина од 14 квадратни километри. Сепак, десет години подоцна, се проценува дека таму живеат помалку од еден процент од планираниот број луѓе. Наместо луксузен град, Форест Сити во последниве години стана еден вид град-дух, и токму неговата празнина привлече нов тип станари. Во средината на јули, малезиската полиција изврши рација во два центри за интернет-измами што работат на дури 32 локации во Форест Сити. Уапсени се 335 лица, а конфискуван е имот вреден околу еден милион малезиски рингити (околу 212.000 евра), вклучувајќи 313 компјутери, 1.557 мобилни телефони, 17 лаптопи и 10 модеми. Според полицијата, од два големи центри – едниот, кој зафаќа 27 стана на пет ката од станбена зграда, а другиот, кој се простира на пет бунгалови, криминални групи организирале крипто измами и љубовни измами насочени кон жртвите во странство. Меѓу уапсените имало 309 кинески државјани, 19 Индонезијци, тројца Малезијци и четворица државјани на Мјанмар. Малезиската полиција соработува со Интерпол за да го пронајде лицето за кое се верува дека стои зад операциите. Сепак, експертите и локалните жители веруваат дека полициската акција е, веројатно, само врвот на ледениот брег. Форест Сити се вклопува во поширокиот тренд на развој на меѓународната индустрија за интернет-измами, која брзо се шири и станува сè поорганизирана во последните години.
– Многу од овие организации денес повеќе личат на мултинационални компании отколку на традиционални мрежи или банди од организиран криминал – рече Џон Војчик, аналитичар во „ТРМ Лабс“, која истражува криминал поврзан со криптовалути, додавајќи дека тие имаат посветени тимови за регрутирање, ИТ-оддели, експерти за перење пари и сопствена инфраструктура.
Властите и експертите веруваат дека луѓето што работеле во Форест Сити, веројатно, се поврзани со криминални мрежи што емигрирале од Камбоџа. Во последниве години, таа земја стана еден од светските центри на индустријата за интернет- измами, а од крајот на минатата година локалните власти сè повеќе се борат против ваквите криминалци. Се проценува дека за само неколку месеци, околу 300.000 луѓе ја напуштиле Камбоџа по сè почестите полициски рации.
Индустријата за измами станува сè попрофесионална. Иако сè уште во голема мера се потпира на луѓе што се жртви на трговијата со луѓе и се принудени да работат под закани, експертите забележуваат и нов тренд: криминалните организации почнуваат активно да привлекуваат искусни измамници, нудејќи им повисоки плати и подобри услови за работа. На групите на „Телеграм“ што нудат работа во центри за измами, искусните криминалци дури објавуваат и биографии во кои го наведуваат своето искуство со измами и бараат нови работодавци.












