Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо ја критикуваше Шпанија и изрази жалење што земјата не го покажа лидерството што, според неа, треба да го има во односите меѓу Европа и Латинска Америка.
Таа, исто така, предупреди дека „секоја влада одлучува дали да застане на страната на криминалот или на правдата“, објави „Ла Разон“.
Нејзините зборови дојдоа во веќе напната меѓународна клима за Шпанија, обележана со притисок од Вашингтон, бидејќи владата во Мадрид се обидува да го одржи својот дискурс за спротивставување на војната на Блискиот Исток во услови на глобална нестабилност.
Мачадо рече дека Шпанија историски била „врска помеѓу Европа и Латинска Америка“, но дека оваа улога „не е реализирана во последните години“.
Американскиот претседател Доналд Трамп инсистираше дека неговата администрација ќе ги преиспита тарифите и договорите ако верува дека шпанската влада зазема позиции спротивни на интересите на неговата земја. Ова не е првпат Трамп директно да ја критикува Шпанија, а во последните недели тој постојано повторуваше дека е подготвен да „преземе акција“ ако не види политичко и стратешко усогласување од Мадрид.
Шпанската влада избегнуваше директно да одговори и на Мачадо и на Трамп, пишува „Ла Разон“.
Шпанската влада го задржа својот воздржан пристап и нагласи дека Шпанија ќе продолжи да брани надворешна политика заснована на меѓународното право, дипломатијата и деескалацијата, пренесува „Танјуг“.












