Неверојатна и прилично бизарна ситуација се случи на трката за Големата награда на Шпанија во Мадрид, каде што беше казнет Себастијан Монтоја со 500 евра поради прекршок направен од неговата сестра, Паулина.
Себастијан, 21-годишниот син на легендарниот колумбиски возач Хуан Пабло Монтоја, викендов настапуваше во Формула 2, за тимот „Прима рејсинг“. Во Мадрид беше присутен и неговиот татко, кој како специјален гостин ги следеше трката и неговиот настап.
Паулина, која штотуку го прослави својот 20. роденден, исто така беше во падокот за да му даде поддршка. Но, нејзиниот избор на облека предизвика неочекуван проблем и на крајот доведе до парична казна за тимот. Имено, таа во еден момент се најде во ограничената зона покрај болидот на Себастијан, во текот на сесијата. Таа носеше елегантен бел фустан до колена, но според правилата на ФИА, во питлејнот, во текот на тренинзите и на трките, се бара носење долги панталони. Иако Паулина воопшто не е член на тимот „Прима“, туку само гостин во падокот, правилата на ФИА предвидуваат дека тимот е одговорен за лицата на кои им овозможил пристап до ограничените зони.
View this post on Instagram
Стјуардите, по разгледувањето на случајот, одлучиле да го казнат тимот „Прима рејсинг“ со 500 евра. Од ФИА дополнително објаснија дека натпреварувачите претходно биле потсетени за правилата за облекување и однесување во ограничените подрачја на патеката.
Според спортските прописи, тимовите се одговорни за постапките или пропустите на лицата на кои им дозволиле пристап до тие зони. Токму затоа, иако прекршокот е направен од гостинка, финансиската последица ја почувствува тимот за кој настапува Монтоја.
Случајот привлече големо внимание поради необичната причина за казната: фустанот на сестрата на возачот.
Себастијан Монтоја е еден од интересните млади возачи што се обидуваат да го следат патот на својот славен татко и да стигнат до највисокото ниво во мотоспортот. А неговото презиме носи огромна тежина во светот на Формула 1.
Хуан Пабло Монтоја е една од најпознатите фигури во историјата на Ф1. Во кариерата, Колумбиецот забележа седум победи и дури 30 пати се искачи на подиумот. Возеше за Вилијамс и за Мекларен, а двапати заврши на третото место во генералниот пласман во шампионатот.
По заминувањето од Формула 1, продолжи со успешната кариера во други категории на мотоспортот.
Сега, вниманието повторно е насочено кон семејството Монтоја, но овој пат поради бизарната казна од 500 евра.
Себастијан, можеби, ќе сака што побрзо да ја заборави случката, но неговата сестра, Паулина, сигурно долго ќе го памети својот необичен „дебитантски“ момент во падокот на Формула 2.
Еден фустан, едно правило и една казна од 500 евра – доволно за едно обично семејно гостување на трката да стане една од најчудните приказни од викендот во Мадрид.











